Од општинската СДСМ тврдат дека не се точни информациите дека во јавното претпријатие „Билјанини извори“ во јули им биле исплатени две плати на вработените.
– Вистината е дека платата за месец февруари вработените ја добиле на 14 Јули, значи со задоцнување од пет месеци, а платата за месец Март на 1 Август. Овие факти оставаат простор за сериозен сомнеж и за тврдењето од јавното претпријатие дека воопшто подмириле некаков долг кон ЕВН, велат од СДСМ.
Оттаму бараат ЈП „Билјанини Извори“ да ја информира јавноста дали и колкав финансиски бенефит има остварено од одржувањето на Светското кадетско првенство во ракомет за жени и дали при тоа бил потпишан договор за користење на спортската сала.
– За користење на спортската сала, за одигрување на еден натпревар од ваков ранг, цената е 60.000 денари. Во Охрид беа одиграни вкупно 46 натпревари. Значи ЈП „Билјанини извори“ требаше да инкасира на својата сметка 2.760.000 денари. Тоа се доволно средства за две плати за вработените во претпријатието.На овие средства треба да се додадат и средствата кои требало да бидат дополнително обезбедени од одржаните тренинзи и припреми на неколку репрезентации, додаваат од ОО на СДСМ.
OhridNews