Буџетот за 2015 година, како и сите претходни осум години, сепак мисли на една група граѓани: малата група олигарси околу Груевски и Ставрески, кои и во 2015 ќе го продолжат трендот на сопствеништво во сите профитабилни компании во Македонија.

Ова денес го изјави Кире Наумов, претседател на комисијата за финансии на СДСМ, при тоа додавајќи дека раст и развој на економијата и подобар живот за граѓаните и во 2015 нема да има.

„Ова е само уште еден Буџет предложен од власта на Груевски и што ќе создаде нови 50 илјади сиромашни семејства, кои нема да можат да ги платат своите сметки. Ова е само уште еден Буџет што ќе создаде нови задолжувања за граѓаните и ќе го подигне растот на веќе неиздржливиот јавен долг на приближно 60 проценти“, рече Наумов.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека економијата во земјава има највисок раст во регионот и Европа, реплицирајќи на пресот на Кире Наумов од СДСМ.

„Убавото во тоа што кога работиш коректно, вредно и за својот народ, резултатите се неминовни и видливи без разлика на агресивната и манипулативна пропаганда на политичките опоненти. СДСМ осум години со лажни податоци, со бројки од ракав се обидуваат да ја збунат македонската јавност“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Инаку, со голем број фалби и без реплики започна денешната собраниска расправа за предлог буџетот за 2015 година. Во отсуство на опозицијата, пратениците од власта не упатија речиси ниту една критика за начинот на кој идната година ќе се трошат народните пари. Расходната страна на буџетот за 2015 ќе тежи околу 3 милијарди евра, а буџетскиот дефицит ќе изнесува 3,5 отсто од БДП.

OhridNews

„Макфакс“