СДСМ да го осуди однесувањето на градоначалникот на Охрид, Александар Петрески, побара денеска ВМРО-ДПМНЕ, откако вчера на прес конференција изнесе инфомации за наводен криминал во работењето на градоначалникот.

-Вчера изнесовме крупен скандал поврзан за работењето на градоначалникот на СДСМ Александар Петрески, каде Општината Охрид најпрво поништува јавен повик, а веќе при вториот повик прифаќа понуда која е за четири пати поскапа од првиот пат, односно разликата е во цели 20 милиони денари. Социјалдемократскиот сојуз како матична партија на Александар Петрески ниту се огради, ниту го осуди овој скандал. Тоа ги прави СДСМ соучесници во коруптивното работење на нивниот градоначалник Александар Петрески, рече Александар Бичиклиски, на денешната прес конференција во Скопје.

Според него  премолчувањето на ваквиот скандал отвора сомнеж дека СДСМ има некакви бизнис интереси од ваквите зделки или сака да го одбрани криминалното работење.

-Дека ВМРО-ДПМНЕ за посочениот скандал ја говори вистината, потврдува и фактот што и Државниот завод за ревизија ја утврдува истата неправилност во работењето на Општината Охрид. Односно и Државниот завод за ревизија посочува дека во конкретниот случај, односно со прифаќањето на понуда која е за 4 пати поскапа споредено со поништениот прв повик Општината Охрид цитирам “не обезбедила рационално и ефикасно искористување на средствата од буџетот на Општината”. Ако за Петрески разликата од 20 милиони денари е мала, за граѓаните и за презадолжената општина Охрид тоа се многу пари, рече Бичиклиски, нагласувајќи дека оправдувањето од Кабинетот на Петрески дека тоа го правеле и другите градоначалници не и дава за право Општината Охрид да прифаќа 4 пати поскапи понуди и не ги амнестира од одговорноста.

-Законите мора да важат за сите, па и за Александар Петрески. Молкот и одобрувањето од СДСМ нема да го спаси Петрески од неодговорното работење. Повторно ги повикуваме СДСМ да го осудат однесувањето на Петрески и ако не го сторат тоа ќе ни биде јасно дека зад неговата коруптивна работа стои целото раководство на СДСМ, рече Бичиклиски.

OhridNews