Сите имавме можност на медиумите да ги видиме одговорните лица од локалната самоуправа, како гледаат во некакви проектни планови и како покажуваат со рацете во одредени правци, а одреден број работници изведуваат градежни работи во позадина на локацијата на некогашната градска библиотека. Законот за градење вели дека изведувачот е должен градилиштето да го загради, заради спречување на неконтролиран пристап во градилиштето со соодветна ограда на начин што работата во градилиштето нема да ги загрози минувачите, велат од општинската СДСМ.
– Градилиштето мора да биде означено со информативна табла која задолжително треба да содржи име, односно назив на учесниците во изградбата, назив и вид на градбата која се гради, надлежниот орган кој издава одобрение за градба, број и датум на издаденото одобрение за градење, како и назнаката дека се работи за заштитено недвижно културно наследство согласно со закон, ако таа градба е запишана во Националниот регистар на културно наследство. Бидејки ништо од горе наведеното не беше сторено, ја прашуваме локалната градска власт дали има сознанија за градежниот потфат на оваа локација и дали воопшто може тој потфат да се нарече градежен, бидејки ако е таков треба да се провери дали се коси со Законот кој го регулира, рече на денешната прес конференција портпаролот на ОО на СДСМ, Александар Кузески.
Кузески се осврна и на функционирањето на Спортската сала во Велгошти.
– Салата за прв пат официјално беше отворена и пуштена во употреба во далечната 2002 година, од страна на тогашниот премиер Љубчо Георгиевски, но цели 11 години не беше во функција. Реконструкцијата на салата започна на 21 септември 2012 година, но до вчера не беше снабдена со струја и греење. По втор пат официјално беше пуштена во употреба на 4-ти март оваа година, од страна на Премиерот Никола Груевски, за време на изборната кампања и повторно не беше ставена во функција. По насилната промена на директорот на училиштето пред 6 месеци, салата по трет пат официјално беше пуштена во употреба од страна наГрадоначалникот на Општина Охрид, Никола Бакрачески, и повторно не беше ставена во функција.На почетокот на летото беше и по четврти пат официјално отворена и пуштена во употреба од страна на Секретарот на Општина Охрид, Димитар Спасески, но повторно не беше ставена во функција. Салата, по цели 11 години од нејзиното прво официјално отворање, односно по цели 5 месеци од нејзиното последно, четврто, свечено пуштање во употреба од страна на градските власти, за прв пат беше ставена во функција пред два дена, рече Кузески.
OhridNews