Повторно невистини и измислици од Центарот за лаги и манипулации на ДПМНЕ од Охрид, денес, на Величетврток, кога нашите мисли треба да бидат посветени на Тајната вечера, на бескрајната почит кон сопствените ученици, соработници и пријатели, како и на заедничката молитва за сплотеност и заедништво, се наведува во реакцијата од општинската СДСМ во врска со изнесеното на одржаната прес конференција на Климе Шешоски од ОК на ВМРО- ДПМНЕ.

– Денес, на Величетврток, треба да им се восхитуваме на вистинските вредности и на вистинските луѓе околу нас, кои им даваат смисла на нашите животи. Наместо тоа, денешната слика на советникот Климе Шешоски, скриен зад говорницата на ДПМНЕ и натеран да прочита еден куп невистини и измислици за човекот што го сметаше за свој пријател, соработник и колега, изгледаше повеќе од жалосно. Не само од него, туку и од целата негова политичка партија, јавноста не очекуваше дека денес, на Величетврток, повторно ќе се дрзнат да продолжат со востановената практика – да ги лажат и манипулираат сопствените граѓани. Ние, како политичка партија, што целосно и доследно ги почитува нашите свети традиционални духовни и културни вредности, не сакаме и одбиваме и понатаму да комуницираме на ниското, непримерно и недостојно ниво на комуникација, што веќе подолго време се обидува да го наметне Центарот за лаги и манипулации на ДПМНЕ, стои во реакцијата од СДСМ.
 
Оттаму со прашање до Шешоски, дали кога зборува за „мрачниот период“ тоа е истиот период кога поранешната локална власт му ги додели сите тендери за техничко одржување и реконструкција на училиштата во општината, кога неговата приватна фирма била избрана и одредена да ги изведува работите на парните котли, на системите за греење и ладење на јавните институции и установи во Охрид и кога заработил илјадници евра.

– Вистина е дека „светлото сонце“ за Шешоски, кое силно започна да свети во времето на поранешната локална власт, продолжи и со новата градска власт. И не само тоа – сега, наместо да биде дел од нормативната власт во општината како член на Советот на Општина Охрид, тој истовремено наголемо е и дел од извршната власт, одработувајќи конкретни инвестициски и финансиски задачи и проекти за сегашниот градоначалник. Секако, повторно во интерес на сопствената фирма. И во овој мандат „сонцето силно свети“ за Шешоски, само што притоа се кршат законските и статутарните одредби, велат од СДСМ.

OhridNews

Шешоски: СДСМ не е политичка опција која му е потребна на народот