Од СДСМ Дебрца обвинуваат дека градоначалникот Игор Трајкоски локалната самоуправа ја направил затворена, во која граѓаните имаа отежнат пристап до општинските услуги и дека истите ги добиваат на неквалитетен и неекономичен начин.
– Воведени се административни и физички бариери за да се дојде до градоначалникот и општинската администрација, граѓаните не можеа или тешко остваруваа прием кај градоначалникот, за добивање на најобична потврда беа приморани да доаѓаат повеќе пати и да се надеваат дека ќе го најдат градоначалникот, или ако поднесуваа поднесок во архивата истиот не им се примаше ако претходно не го види и одобри градоначалникот. Освен добивањето на одобрение за градење, ниту една друга општинска услуга не може да се добие електронски, на општинскиот веб портал не е објавено кои услуги ги обезбедува општината, ниту има објавено обрасци за општинските услуги, велат од СДСМ Дебрца.
Обвинуваат и за постојано следење на вработените и странките преку видео-надзор и дека кога не се присутни општинските функционери вратите од кабинетот на градоначалникот, канцеларијата на секретарот на општината и салата за седниците на советот на општината, односно повеќето службени простории дека се заклучени и не се во служба на граѓаните.
Од општина Дебрца ваквите обвинвања ги оценуваат како неосновани.
– Би ги запрашале дали овие тврдења во нивното соопштение се однесуваат за владеењето на претходниот градоначалник Којчиноски кој во 16 години ја имаше тотално затворено општина Дебрца во смисол на услуги на граѓаните, каде што општината беше или со празни канцеларии или беше исполнета со партиски војници, и кога во целост владееше тотален медиумски молк и никаква транспарентност. Период кога веб страна на општина Дебрца беше само мисловна именка. Не знаеме дали ОО СДСМ Дебрца го пишувала соопштението токму за членовите на СДСМ кои се дел од општинската администрација и кои можеби преку ова соопштение признаваат дека намерно ја оспоруваат работата се со цел да прикажат наводна неефикасност. Или пак можеби во ваква улога се пронаоѓа претседателот на општинската организација кој како вработен во Општина Дебрца треба да знае дека токму за него имаме најмногу поплаки од жителите, велат од локалната самоуправа.
Оттаму, додаваат дека општината Дебрца е една од најефикасните општини во Република Македонија, како во услугите кон жителите така и во реализација на огромен број проекти, како и во искористување на средства од различни програми.