Во отчетот  спакуван во една фино изработена брошурка, платена со парите на граѓаните  не видовме ниту едно дело од оние кои беа ветени во предизборната кампања на актуелниот градоначалник на општина Дебрца, Игор Трајкоски, стои во дописот на советничката група на СДСМ Дебрца,по повод изминати 100 дена од мандатот на градоначалникот.

Тие додаваат дека во “турбо “работењето на градоначалникот, виделе само финиширање на неколку започнати проекти од неговиот претходник, екс градоначалникот Љупчо Којчиноски.Меѓу нив ги наведуваат проектите за асфалтирање и крпење на ударни дупки во населените места, реконструкција на општинскиот пат за село Сливово, како што велат од СДСМ, проект кој бил одобрен од средствата од заемот од Европската банка за обнова и развој, по поднесена апликација на претходниот градоначалник, доизградбата на 150 метри од водоводот во село Оровник.


–    Го потсетуваме градоначалникот ако не знае или не му кажале, а граѓаните на Оровник тоа добро го знаат , дека водоснабдувањето на Оровник го реши неговиот претходник, со целосната реконструкција на водоводот, велат од советничката група на СДСМ .

Оттаму, наведуваат уште неколку проекти, за кои како што велат, од претходниот градоначалник биле поднесени апликации или била почната реализацијата на проектите.

– Изградбата на монтажното училиште во село Волино –општината навреме ги изврши своите обврски, а Министерството за образование и наука наместо до 31.08.2011 , училиштето го поставува деновиве, започната изградбата на спортски полигон во село Оровник и започнатиот проектот за набавка на контејнери во рамките на Програмата “Форуми во заедницата”,  во соработка со Општина Струга и донаторот- Швајцарската агенција за развој и соработка, додаваат од СДСМ.

Како што велат од советничката група на СДСМ, сакаат да потсетат и на  “вистинските дела” на градоначалникот во стоте дена власт,  како што се : вработување на партиски кадри во општинската администрација.

– Општината која во изминатите години успешно функционираше со десетина вработени, само во еден месец доби уште толку вработени. Притоа, вработени се лица кои се без работно искуство, исклучиво по партиски, пријателски и роднински критериум. Ако европскиот просек изнесува 1 вработен на 1000 жители, тогаш  нашата општина со околу 5000 жители и 20 вработени во општинската администрација може да се вброи во општини со најголема администрација. Сето ова неминовно ќе доведе до зголемување на буџетските расходи за плати и надоместоци наспроти развојната компонента на буџетот, велат од советничкат агрупа на СДСМ.

Оттаму, обвинуваат и за неисчистените општински патишта и улици, уништено јавно зеленило, неисчистени  и пренатрупани диви депонии.

Од Советничката група на СДСМ, велат дека и понатаму ќе бидат конструктивна опозиција и коректив на локалната власт и дека ќе го поддржат секој проект кој ќе биде во интерес на граѓаните на општината.

OhridNews