Социјалдемократскиот сојуз на Македонија- СДСМ со подмладен состав и нови имиња во врвот на партијата ќе ја враќа изгубената доверба кај гласачите. На вонредниот X Конгрес што денеска се одржа во Охрид, партијата ги избра новите членови на Централниот и Надзорниот одбор, каде веќе не членуваат некои истакнати партиски имиња.


Во централниот одбор кој брои 90 членови,  преку 80 проценти се нови имиња со просечна возраст под 38 години. Меѓу новите членови кои 90 проценти се со високо образование има 5 доктори на науки, 13 магистри и неколку докторанти, истакна на брифингот за новинарите Емилијан Станковиќ. Тој е еден од неколкумината млади кадровици кои влегоа во Централниот одбор на партијата, каде од актуелните високи партиски членови се уште и Зоран Заев, Игор Ивановски, Јани Макрадули, Љубомир Јанев и Андреј Петров, а меѓу избраните е и Наташа Савова, висок соработник на лидерот Црвенковски од периодот кога тој ја извршуваше претседателската функција.


Во Централниот одбор влегуваат и амбасадорите Александар Тавчиовски, Виктор Димовски и Тихомир Илиевски и докторите на науки, универзитетскиот професор Рената Дескоска, Људмил Спасов, Ана Павловска – Денева и Татјана Прентовиќ, а меѓу избраните членови има и припадници од други етнички заедници, посочи Станковиќ.



Во Централниот одбор ги нема истакнатите партиски членови Никола Поповски, Горан Минчев, Ѓорѓи Спасов, Никола Ќуркчиев, Благој Ханџиски, Илинка Митрева, Димитар Бузлески, Илија Илоски, Горан Зечевиќ, градоначалниците на Охрид и Куманово, Александар Петрески и Зоран Дамјаноски. „Со тоа сите шпекулации во кои се споменуваа сите овие имиња се покажаа како неточни“, рече Станковиќ. Тој објасни дека поранешните лидери на СДСМ, Радмила Шекеринска и Владо Бучковски како актуелни пратеници на СДСМ се дел од Централниот одбор на партијата.


Веднаш по изборот на новите членови, под претседателство на амбасадорот Тихомир Илиевски,  Централниот одбор на СДСМ одржа работна седница на која беа избрани седумнаесет члена на Извршиот одбор на партијата: Дане Талевски, Драган Тевдовски, Наташа Савова, Виктор Димовски, Игор Ивановски, Емилијан Станковиќ, Магдалена Несторовска, Јово Деспотоски, Јани Макрадули, Рената Дескоска, Људмил Спасов, Пецо Стојановски, Орце Јордановски, Виктор Цветкоски, Марија Костова, Наташа Петровска и Митре Велјаноски.


За секретар на партијата е избран пратеникот Андреј Петров, а потпретседатели на партијата се магистерот по европски студии Гордан Георгиев, градоначалникот на Струмица – Зоран Заев и Зоран Јовановски, магистер по економија и советник на УО на „Комерцијална Банка“.

На вонредниот конгрес на СДСМ што се одржа во Центарот за култура, Григор Прличев во Охрид учествуваа 530 делегати.

Ohridnews