Општинската организација на СДСМ – Охрид, официјално не го коментира ставот на локалниот партиски Совет во кој членуваат поранешни високи функционери, кои наводно  ја разгледувале можноста за самостоен настап на претстојните локални избори на актуелниот градоначалник на Охрид Александар Петрески.

Како што дознаваме, деновиве огранокот на СДСМ одржал состанок на  кој учествувале највисоките локални функционери во партијата, на кој се разговарало за подготовките на протестниот марш кој утре вечер ќе се одржи во Охрид, но не била игнорирана ниту актуелната тема. Сепак, иако се очекуваше, па и најавуваше, огранокот на партијата не излезе со официјален став во врска со мислењето на Советот на СДСМ за учество на локалните избори во Охрид, без оглед на најавите за бојкот од централата.

Високи партиски извори со кои разговаравме, велат дека огранокот нема намера да отстапи од политиките утврдени од највисокот раководство на партијата, но исто така нема ниту јавно да одговори на, како што велат, умешно пласираните информации во јавноста, чија основна цел е да предизвика раздор меѓу членството и политичка штета. Начинот на кој тоа е направено, но и позадината, упатуваат на таков заклучок, поради што и огранокот најверојатно решил да го игнорира случајот, кој според извори од партијата претставува обид за политички спин, на кој треба да се надоврзат разни анализи, „независни“ експерти и медиумите.
 
Градоначакникот Александар Петрески и кандидат за трет мандат, кому му беше упатен јавниот совет, експресно ја отфрли можноста за самостоен настап на претстојните локални избори. Во изјавата дадена пред два дена, тој оцени дека ставовите изнесени на седница на Советот на СДСМ во Охрид, претставуваат мислење на еден до двајца членови, кои, како што рече, наместо да извршуваат советодавна функција во партијата, во медиумите пласираат изјави зад кои ниту тој, ниту СДСМ не стојат.

-Овде се работи за лоша намера затоа што совети се даваат внатре во партија, не преку медиумите. Тоа е личен став на еден – двајца членови, а не на Советот во кој членуваат 50 членови. Јас можам да бидам кандидат за градоначалник само на СДСМ и на никој друг. Ставовите на партијата се јасни и ние нема да отстапиме ни милиметар од нив.- изјави Петрески.

Петрески е предвидено да говори на протестниот марш утре вечер во Охрид, на кој ќе се обрати и лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски. Дали тие ќе се осврнат на случајот кој предизвика бројни реакции во јавноста, останува да се види.

OhridNews