Одлуката на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш потврдува дека Никола Груевски се плаши и бега од слободни, фер и демократски избори, стои во денешната реакција од СДСМ.

-Груевски не сака прочистен избирачки список за да може да манипулира со фиктивни гласачи. Тој не сака слободни медиуми затоа што му треба медумскиот мрак што го создаде за да го крие криминалот на фамилијата во изминатите 10 години. Граѓаните на Македонија освен фамилијата на Никола Груевски немаат корист од одржување на избори без претходно навремено прочистување на Избирачкиот список и без навремена регулација за слободни медиуми. Непрочистениот Избирачки список и медиумскиот мрак фамилијата би сакала да го користи за спас на сопствената кожа, пишува во соопштението на СДСМ.

Според опозициската партија Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ не ги исполниле клучните обврски од Договорот од Пржино.

-За СДСМ не се прифатливи избори без слободни медиуми и без прочистен Избирачки спосок и на такви избори нема да учествува. СДСМ ќе продолжи да се бори за создавање на фер и демократски услови за одржување на изборите со сите демократски средства што ни стојат на располагање. Ќе продолжиме да се бориме за слободна и демократска Македонија заедно со граѓаните. Македонија бара промени и промените ќе се случат на слободни, фер и демократски избори, нагласуваат од СДСМ.
 

OhridNews