СДСМ и ДУИ покренаа постапка за отповикување на претседателот Ѓорге Иванов поради одлуката за аболиција на 56 политичари кои се инволвирани во аферата за прислушување. Иницијативата на пратениците од СДСМ, на која се потпишаа и пратениците од владејачката албанска партија ДУИ, за утврдување на одговорност на шефот на државата Ѓорге Иванов поради одлуката за аболиција на 56 политичари кои се инволвирани во аферата за прислушување влезе во собраниска процедура.

За да помине оваа иницијатива во Собранието се потребни 82 гласа, односно двотретинско мнозинство, што опозициските партии и владејачката ДУИ заедно не можат да ги соберат.

Претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, е должен по оваа иницијатива да формира комисија, која за седум дена од формирањето мора да даде извештај, а парламентот ќе мора да заседава за седум дена од поднесувањето на извештајот. Кога пратениците ќе расправаат за иницијативата, претседателот на државата може да одговори писмено или лично да се обрати пред пратениците.

Во меѓувреме ДУИ писмено побара од Иванов да си го одржи зборот и да ја повлече одлуката за аболиција, бидејќи, сега, Собранието му ги овозможи законските услови за тоа.

Иванов во изјава за германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ рече дека ако е потребно, уште еднаш би ја донел истата одлука за аболиција.

Не се знае како Иванов ќе постапи со личните барања за повлекување на аболицијата, што се веќе поднесени, а како што информираа од неговиот Кабинет такви барања досега писмено поднеле Никола Груевски, Бранко Црвенковски, Зоран Заев, Трајко Вељановски, Фатиме Фетаи, Гаврил Бубевски, Лиле Стефанова, Бедредин Ибраими, Живко Пејковски, Владимир Талески и Божидар Јанковски.

Со последните измени во Законот за помилување, кои беа предложени од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, претседателот на државата е должен да ја повлече аболицијата ако помилуваниот тоа го побара во рок од 30 дена.