Во името на принципите коишто се содржани во платформата што социјалдемократите и нивните партнери ги потпишаа деенска, претседателот на СДСМ, Зоран Заев, ги повика сите граѓански организации и политички партии да не учествуваат на изборите кои ги нарече „нелегитимни“ кои „авторитарниот режим сака да ги одржи“ на 5-ти јуни.

Документ насловен „Платформа за демократска Македонија“ претходно во седиштето на најголемата опозициска партија СДСМ го потпишаа челникот Зоран Заев и претставниците на коалициските партнери со кој „се обврзуваат на заедничко и бескомпромисно дејствување во одбрана на законското и уставното функционирање на државата“.

На документот, покрај Заев, свои потписи ставија и лидерите на Новата социјалдемократска партија (НСДП), на Либерално-демократската партија (ЛДП), Обединети за Македонија, Партија за движење на Турција, Партија за целосна еманципација на Ромите, Демократскиот сојуз на Власите, Санџачката лига, Српска странка во Македонија, Движење за национално единство на Турците во Македонија, Нова алтернатива, ПЕП 21, Партија на обединети пензионери и граѓани и Граѓанско либерална партија.

„Демократскиот фронт за иднината на Македонија се шири. Денеска, СДСМ и коалициските партии ја потпишаа Платформата за демократска Македонија за враќање на слободата и демократија. Со оваа Платформа за демократска Македонија се обврзуваме заедно и бескомпромисно да делуваме во одбрана на правдата, вистината, иднината!“, рече Заев по потпишувањето на документот придружуван од челниците на помалите опозициски партии

Меѓу споменатите принципи од документот, социјалдемократскиот Заев ги истакна слободата и демократијата на коишто се темели на секое здраво општество и предуслов за нормален живот. „Целото наше општество се наоѓа во заложништво на криминалната банда на власт и можеме да го ослободиме само доколку заедно и цврсто застанеме зад овие демократски начела и принципи“, рече Заев. Тој истакна дека предвремените парламентарни изборите, кои произлегуваат од  Пржинскиот договор меѓу четирите најголеми партии за надминување на политичката криза мора да бидат регуларни, фер и демократски.

„Во Македонија ќе се одржат регуларни, фер и демократски избори откако ќе се надминат клучните проблеми преку прочистување на избирачкиот список, спроведување на реформа на медиумите и прекинување на притисоците и заплашувањата врз гласачите“, рече уште Заев претставувајќи ја „Платформата…“ на опозициската коалиција.

Уште еднаш порача дека медиумите мора да бидат слободни и објективни. Тој изрази целосна поддршка за работата на Специјалното јавно обвинителство како основа за бескомпромисна борба против корупцијата и криминалот.

OhridNews
Извор: „Макфакс“

Опозицијата не ги повлекува членовите од ДИК