Општинската организација на СДСМ од Охрид денеска преку писмено соопштение реагираше на начинот на кој бил донесен новиот Деловник за работа на Советот на општина Охрид.

-Најважниот документ за работа на советниците – Деловникот за работа на Советот, наместо да биде донесен со консензус, како што претходно беше договорено и усогласено помеѓу сите советнички групи, беше усвоен со 12 гласа. Значи, од вкупно 23 советници, само 12 од позицијата гласаа за новиот Деловник. А токму Претседателката на Советот од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Коњановска, во текот на сите изминати месеци инсистираше овој документ да биде донесен едногласно и да биде поддржан од страна на сите советници, пишува во соопштението од СДСМ.

Во него се потенцира дека околу нацрт Деловникот советниците разговарале, дебатирале и ги усогласувале ставовите повеќе од една година.

-Конечно, преку работата на Статутарно-правната комисија пред неколку седмици се утврди и финалната верзија на Деловникот, која беше усогласена со сите советнички групи. Новиот Деловник требаше да биде прифатен едногласно – и од власта, и од опозицијата. Но, на самата седница, спротивно од тоа што веќе претходно беше договорено и усогласено, советничкото мнозинство предложи измена на Деловникот – да не се ограничува времетраењето на дискусиите на градоначалникот и на директорите на јавните претпријатија, а на советниците времето за дискусија да им биде ограничено. Значи, самите советници од власта предложија решение кое е спротивно на интересите на советниците, пишуваат од СДСМ.

На писмено соопштение на СДСМ реагираа од општина Охрид од каде што потенцираат дека новиот  Деловник за работа на Советот е донесен легитимно и во согласност со законските норми.

-Со оглед на тоа што истиот е изгласан со мнозинство гласови од советниците, денешното „толкувачко“ соопштение на СДСМ со доза параноја во кое се навредуваат функционери и институции е сосема неосновано и смешно. Општина Охрид изразува жалење што СДСМ помешала термини со различно значење. Укажуваме на фактот дека никој па ни  Претседателката на Совет, не ветиле дека со консензус односно едногласно ќе биде изгласан новиот Деловник за работа на Советот, туку дека Претседателката Гордана Коњановска максимално ќе се заложи и нејзина желба би била деловникот да биде едногласно  изгласан од сите советници, пишува во писмената реакција од општината.

Оттаму појаснуваат дека околу нацрт Деловникот советниците разговарале, дебатирале и се усогласуваа  со цел да се донесе нов Деловник за работа во кој би биле исклучени  сите недоследности на досега постоечкиот.

-Притоа се создаде дилема околу член 61 за кој советникот Љубомир Чаулев кој е член на Статутарно- правната комисија се изјасни како воздржан и најави амандман. Во понатамошните координации советничката група од ВМРО-ДПМНЕ сметаше дека овој амандман е издржан и истиот го поддржа затоа што е битен за понатамошното функционирање на Советот. Ова јасно укажува дека проблемот што Деловникот не е донесен со консензус не е во советничкото  мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ туку  лежи  во советниците од СДСМ, потенцираат од општината.

Оттаму очекуваат СДСМ да се извини на функционерите и советниците кои се избрани од страна на граѓаните и кои преку вакви соопштенија директно ги навредува.

OhridNews