Социјалдемократскиот сојуз на Македонија во рамки на проектот „Работно лето“ денеска и утре ќе биде во посета на општините Охрид и Дебрца. Предвидено е членовите на најтесното раководство на партијата, да посетат повеќе населени места каде ќе остварат средби со граѓаните.
– Ќе имаме прилика од нив изворно да слушнеме кои се нивните најголеми проблеми, кои се најважните работи што треба да се решаваат и заедно со нив ќе ја подготвиме програмата на партијата за претстојните локални избори, изјави лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски, на прес конференцијата што се одржа кај пумпната станица од колекторскиот систем кај Пештани, што ја изгради Локалната самоуправа.

Посетата на овие две општини нема да биде последна, како што претходно соопштивме рече Црвенковски, кој денеска најави продолжување на работното лето, отфрлајќи ги притоа критиките од ВМРО ДПМНЕ за фијаско на проектот.
– Не заради слабата, туку заради големата посетеност на митинзите и не заради страв, туку заради охрабрувањето и поддршката добиена од граѓаните СДСМ ќе го продолжи работното лето.Тие нека продолжат да критикуваат и да лажат тоа е нивна работа, но она што е очигледно е дека Македонија се буди и сака да се случат промени во оваа земја, додаде Црвенковски.

Активностите на СДСМ во Охрид ќе бидат заокружени со митинг кој ќе се одржи утре вечер на главниот плоштад, на кој актуелниот градоначалник на Охрид Александар Петрески ќе биде промовиран за кандидат за трет мандат на следните локални избори.
– Петрески во два изминати мандати се наоѓаше на чело на Охрид на и како ретко кој ја презеде должноста во невозможно тешки услови, со огромни наследени долгови, блокирани сметки и никаква поддршка од централната власт. Напротив, тој покажа дека ако се сака, дури и во услови на притисоци, блокади и опструкции, може во општина Охрид да се направат многу работи, дури и дел од нив што не се во нејзини ингеренции, како што е заштитата на Охридското Езеро, рече Црвенковски, притоа посочувајќи дека охридската локална самоуправа на чело со Петрески успеала да изгради дополнителен крак од колекторот до Метропол до Пештани, спортска сала во Пештани, да ги реновира училиштата низ градот и да ја обнови инфраструктурата во општината и дека тоа граѓаните умеат да го ценат и повторно ќе му ја дадат поддршката на актуелниот градоначалник.

Петрески од своја страна, истакна дека ќе ја оправда поддршката на партијата и ќе продолжи со реализација на бројните започнати проекти, најавувајќи дека приоритет во наредниот мандат ќе му биде гасификацијата на општината и заштитата на животната средина.
-Ќе продолжиме да вложуваме во заштитата на Охридското Езеро, ќе го решиме проблемот со Грашница, ќе изградиме пумпни станици во Трпејца, Љубаништа и во Св. Наум така што цело крајбрежје ќе биде опфатено со колекторски систем, рече Петрески.

СДСМ нуди стар филм велат од ВМРО ДПМНЕ, која побара Црвенковски и Петрески да одговорат за што се потрошени 50 милиони евра буџетски пари на општината во изминатите години и зошто долгот на Охрид е зголемен на над 20 милиони евра, а притоа не е изграден ниту еден капитален објект.
-Бранко Црвенкоски и Александар Петрески треба да одговорат за чии интереси во Охрид се спроведе урбан масакр врз Охрид со што му ја уништија иднината и од економски и од туристички и од демографски аспект.Нека одговорат двајцата зошто голем број од населби во Охрид и по 8 години владеење на Петрески немаат ниту вода ниту асфалтирани улици ниту канализација. Бранко Црвенкоски и Александар Петрески нека направат денес заедничка фотографија пред еден капитален објект кој што го изгради Петрески за 8 години владеење во Охрид, истакна претседателот на ОК ВМРО ДПМНЕ – Охрид, Атанско Михаилов.

Иако Локалните избори ќе се одржат дури в година двете најголеми политички партии уште од сега ја започнаа битката за Охрид, каде кандидатите на едната и другата партија победуваат со минимална разлика, и оттаму се очекува тие жестоко да се борат за секој глас на граѓаните.












