Министерот за транспорт Миле Јанакиески да не ја префрла одговорноста само на Ј.П Македонија Пат за целата хаварија по патиштата што ги загрозува животите на граѓаните и го отежнува сообраќајот, велат од општинската СДСМ.

– Власта на Груевски е таа што ги задолжи граѓаните на Македонија за милионски камени фонтани, споменици и тркала, наместо да ги решава суштинските потреби. Затоа од првиот снег не се функционални голем дел од магистралните и регионалните патни правци, до малите улици, додаваат од СДСМ.
 
Оттаму велат дека Миле Јанакиески и директорот на јавното претпријатие треба да им дадат одговор на граѓаните: дали е точно дека не се набавени доволни количини на сол и ризла? Дали ризлата што е набавена на тендер е со катастрофален квалитет, поради што заглавува при опесочувањето?
 
– Според нашите информации, во мометов залихите со сол се доведени на минимум. При евентуални нови снежни врнежи, таа количина нема да биде доволна за да ги задоволи потребите. Бидејки солта се набавува од Република Албанија ќе има проблем за евентуална итна набавка на нови количини.Возниот парк на Ј.П Македонија Пат не е навремено технички сервисиран за зимската сезона. Многу моторни возила како и опремата што ја користат се технички дотраени. Мал број од возилата се во состојба да ја извршуваат својата функција. На пунктовите, каде што, според степенот на сериозност за условите, се потребни во функција 5 возила, има 3, а на пунктовите каде што е предвидено да има 4 возила има 2. Значи нема услови да се почитуваат правилата од Програмата предвидена од Агенцијата за државни патишта во однос на механизација за зимска служба, велат од СДСМ.
 
Од ОО на СДСМ тврдат дека во лоша состојба е и најголемиот дел од дополнително ангажираната механизација преку тендери, технички е неисправна, без соодветни соларки и ножеви, која е постара е од 20 години и затоа овие возила остануваат во дефект.
 
– Ј.П Македонија Пат по паѓањето на првиот снег во Македонија изврши само делумно чистење на автопатиштата и магистралните патишта, а додека регионалните патишта што се под нивна надлежност воопшто не се исчистени или се минимално исчистени, поради што сообраќајот е во застој и се одвива во крајно ризични услови за граѓаните.Наместо да се сликаат до настанатите проблеми, претставниците на Владата на Груевски веднаш нека ги свртат приоритетите кон граѓаните. Одговорноста за целата ситуација е на власта на Никола Груевски, велат од СДСМ.

OhridNews