Донесувањето на одредени урбанистички планови, кои беа изработени пред неколку години, а се чуваа во фиока само за да се опструира претходната власт, а за кои урбанистички планови ДПМНЕ жестоко критикуваше, го покажува крајно непринципиелниот и лицемерен однос на локалната самоуправа кон граѓаните, велат од општинската СДСМ во врска со донесените урбанистички решенија на вчера одржаната 25- та седница на советот на општина Охрид.

– За нив, додека беа во опозиција на локално ниво, урбанизацијата на град Охрид беше нецивилизациска активност, за да сега истите тие луѓе, кои беа најголеми критизери, дигаат два прста при донесувањето на истите тие планови. Прашуваме-Која е разликата меѓу новиот концепт за урбанизација кој што се предлага во општина Охрид во однос на стариот концепт кој беше доста критикуван? Зошто на таков краток период покажувате лицемерие и политички конвертизам, до кога ќе ги манипулирате граѓаните и само за остварување на целта-освојување на власт, ќе водите Гебелсова пропагандна кампања, чие главно обележје е искривување на вистината и нејзино прикажување во погрешен манипулаторски контекст, рече советникот од СДСМ, Јован Стојаноски на денешната прес конференција.

Стојаноски се осврна и на назначувањето на лица во управните и надзорни одбори на Јавните комунални претпријатија. Потенцира дека од 10 назначени лица, 5 од нив биле претходно невработени, еден вработен кратко време во приватна фирма и еден волонтер во Фонд за здравство.

– Кое е нивното искуство во управување и надзор на Јавни претпријатија, каков ќе е нивниот придонес во тие претпријатија, до кога ќе ставате партиски послушници да раководат со претпријатијата кои се од витално значење за животот во општина Охрид, праша Стојаноски.

OhridNews