Од општинската СДСМ со реакција во врска со разрешувањето на директорката на јавното претпријатие „Охридски комуналец“.

– Во екот на туристичката сезона, досегашната директорка на јавното претпријатие „Охридски Комуналец“, Елена Скрческа, одлучи да замине во пензија, со што претпријатието останува без менаџмент во време кога тоа му е најпотребно. Со повлекувањето од функцијата Скрческа зад себе остави катастрофална состојба со одржувањето на хигиената во градот. Од друга страна, новиот в.д. директор Александар Китески кој доаѓа од општинскиот инспекторат, воопшто не е запознаен со начинот на кој функционира комуналното претпријатие, а во услови на зголемен обем на работа и туристички шпиц, тешко е да се очекува дека тој за кратко време ќе успее да научи како функционира претпријатието, велат од СДСМ.

Според СДСМ, однесувањето на Скрческа и неспособноста на градоначалникот е врвот на лошото менаџирање со „Охридски Комуналец“ што резултира со нечисти улици, застој во сообраќајот и преполни контејнери.

– Четири години граѓаните ја гледаат истата слика во летниот период, контејнери полни со смет кои со денови стојат на високи температури и од кои се шири непријатна миризба и вработени во претријатието кои сметот го подигаат во најголемиот сообраќаен шпиц со што го блокираат сообраќајот и создаваат метеж и нервоза кај учесниците во сообраќајот, додаваат од СДСМ.