Селото Косел до сега претставуваше синоним за редок природен геолошки феномен, а сега ДПМНЕ го претвори во синоним за политички реваншизам, обвинува општинската организација на СДСМ – Охрид.

-Деновиве Косел стана синоним за осветољубиво практицирање на власта, за пресметка со политичките неистомисленици, за чистка на општински административци со различен партиски предзнак; синоним на величање на заканите, манипулациите и притисоците и синоним за урнисување на професионалноста, стручноста и човечкото достоинство. Косел стана синоним за неспособноста на надлежните да ги менаџираат проблемите со кадровските ресурси исклучиво според економски, технолошки и оперативни критериуми, туку само да бидат некритички сервилни кон властодршците. Косел стана синоним на груба манифестација на сила и моќ, над секакво чувство за колегијалност и разборитост; синоним за административен отстрел на колеги и соработници, што нема никаква врска со работата. Косел стана синоним на победата на партиската бирократија над професионалната администрација. Жалосно, но вистинито – Косел стана синоним на уште една непринципиелна поделба меѓу граѓаните во Охрид, само уште една во редот на многуте поделби меѓу охриѓани, што општинската власт на ДПМНЕ ги направи во последните 9 месеци. – стои во реакцијата на СДСМ.

Според оваа партија селењето на дел од општинската администрација во Косел претставува срамен чин на локалната власт предводена од ВМРО ДПМНЕ и очаен потег со кој треба да се прикрие нивната безидејност и неспособност.

Реагираше локалната самоуправа, според која СДСМ покажува лажната грижа и лицемерие на политичка партија која системски ја дезинтегрирала општина Охрид во период од 8 години.

-Наместо администрација која ќе биде сервис на граѓаните, СДСМ со своите коалициски сателити 8 години создаваа административен систем во кој стручноста и компетитивност беа заменети единствено со учество на партиски митинзи и протести. Ваквата наводна грижа и тогаш и сега имаа една цел, да се партизира се она што може да биде во функција на нивните деструктивни партиски агенди и да се сруши секој дел од општината кој не е дел од нивниот партиски или личен интерес. Прашањето кое се наметнува е како тоа “стручна, професионална и обучена администрација”, како што ги прикажува СДСМ луѓето кое ќе бидат ангажирани на нови работни места, успеаја да ја доведат општината Охрид во целосен амбис? Премногу вулгарно е кога истите оние кои со закани и притисоци ги малтретираа вработените во општината и јавните претпријатија за да бидат нивни слепи послушници, денес да се претставуваат како жртви. Но таквите манипулации се својствени за оваа политичка партија.-се вели во реакцијата на локалната самоуправа. 

Според неа со денешниот настап СДСМ направила уште една сегрегација на граѓаните, овој пат според нивното место на живеење. „Секој жител на општина Охрид има право на еднаква административна услуга,независно од местота на живеење, град, село или приградска населба. Општинската зграда во Косел, во кој ќе биде сместена дел од администрацијата, ќе има конкретна задача, а тоа е да биде поблиску до граѓаните од овој дел на општината и помобилно и поефикасно да ги решава нивните потреби. Предводник на таа админстрација ќе биде Секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески, кој ќе има редовни термини за средба со жителите од овој дел од општината. Дали , според СДСМ, значи дека и тој е дел од наводните “чистки” на кои се повикуваат?“-стои меѓу другото во соопштението.

Со реакција се јави и владејачката ВМРО ДМПНЕ, според која неразбирлив е стравот од некакви одмазди за кои зборува СДСМ. 

-Да се зборува за дека е наштетено на некои вработени со тоа што Општината им се дава далеку посолидни и похумани услови и канцеларии за работа е само олицетворение на една промашена мисла и промашени политика на СДСМ во Охрид па и во Република Македонија.  За какви тоа штети зборува СДСМ? Дали за оние кога вработуваа без ред , без плата ,без законитост? Дали за оние кога ги бркаа од работа неистомислениците? Или за штетите кои ги направија со прекубројноста на администрацијата каде немаше каде да се седне да се работи? Несфатливо е да се реагира за некаква одмазда сега кога Општината раководена од ВМРО ДПМНЕ ја фокусира администрацијата кон работа и и обезбедува подобри услови и канцеларии за работа. Нека одговори СДСМ ,кого тоа бранат,за кого е целата оваа лажна потера и за кого и од чиј интерес се пишуваат партиски соопштенија за некакви одмазди?- стои во соопштението на ВМРО ДПМНЕ. 

OhridNews