Во врска со најавите за кратење на платите и други законски мерки кон пратениците кои ќе ја бојкотираат работата на парламентот, опозициската СДСМ смета дека спикерот Трајко Вељаноски нема кредибилитет и легитимитет да се повикува на Закон, или да парадира со каков било правен основ, бидејќи самиот бил извршител на досега невидено политичко самоволие и брутално насилство со кое биле погазени Уставот и парламентарната демократија.-реагира СДСМ.

-Го повикуваме режимот да продолжи и понатаму со партиско полицискиот пуч, слободно нека спроведуваат фингирани истраги, нека бегаат од сопствената одговорност, нека продолжат да глумат дека се е нормално во државата, нека преземаат мерки против опозициските пратеници. Кратењето на платите е мала цена за демократија, слободата и политичката борба за враќање на Македонија во вистинска насока. -се вели во соопштението.

Реагираше и Собранието, од каде појаснуваат дека законите треба да се применуваат без притоа политички да се конотираат, независно дали се работи за законско редуцирање на платата за време на неучество во работата на Парламентот – бојкот или за кое било друго прашање во државата.

Независно дали се работи за плата на државен службеник, фармацевт, градежен работник, занаетчија или пак пратеник, законите мора да се применуваат доследно. Кон ниту едно законско решение не смее да се има селективен или пак привилегиран пристап. Речиси никаде во светот, бојкотот на законодавен дом не се одобрува и применува, освен кај нас и во уште некоја балканска држава, стои во реакцијата.

OhridNews