Општинската организација на СДСМ- Струга бара од надлежните во најкраток можен рок да образложaт што точно се случува  со водата за пиење која ја користат голем дел од граѓаните во Општина Струга. Истовремено бара и одговор од првите луѓе во Меѓуопштинското јавно претпријатие „Проаква“, но и од градоначалникот на Општина Струга Зијадин Села да објаснат со каков квалитет е водата за пиење.

„Последните информации за тоа дека водата од градскиот водовод е забранета за пиење поради бактерии, покажа дека раководните структури во „Проаква“ воопшто не водат грижа за здравјето на своите граѓани до кои секој месец испорачуваат сметки за наплата. Ова само ги  потврдува нашите постојани реакции за несериозноста на работата на ова меѓуопштинско претпријатие. Од тие причини Општинската организација на СДСМ- Струга бара да се лоцира одговорноста за непочитување на нормативите и стандардите за квалитет на водата за пиење во Струга.“-стои во соопштението.

Наместо да се занимаваат со тековните проблеми во претпријатието ВМРО- ДПМНЕ и градоначалникот Села гледаат да задоволат лични и ситно- партиски интереси, обвинува СДСМ.

„Недозволиво е во 21. Век во место во кое најголемиот дел се водни површини граѓаните да не можат да користат исправна вода за пиење од јавниот водоснабдителен систем.“, се вели во партиското соопштение на ОО СДСМ- Струга.

OhridNews