Училиштата во Струга новата учебна година ја започнаа со старите проблеми и без електрична енергија, соопшти опозциската СДСМ. Очајната состојба во основните училишта во Струга продолжува, а финансискиот колапс си го прави своето, велат од СДСМ.
-Минатата зима бевме сведоци дека основните училишта во Струга немаа огрев, а децата смрзнуваа во ладните училници. И, кога сите помисливме дека тоа е дно во функционирањето на училиштата, се излажавме. Денес, во месец септември, 2015 година, во 21 Век поголем дел од нив немаат струја. СДСМ како одговорна партија предупреди дека ова ќе се случи и при носењето на централниот буџет, но и при носењето на локалниот буџет кој го поддржаа советниците на ВМРО-ДПМНЕ. За жал, неодговорниот однос на надлежните продолжи. Централната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ не ја интересираат учениците и наставниците во Струга. Нив ги интересираат само парите за мермер, камен, бронза, панорамски тркала и слични трошења од кои корист имаат само неколкумина на штета на сите граѓани на Р. Македонија.- се вели во соопштението.
Локалната власт предводена од Градоначалникот Села и неговиот коалиционен партнер ВМРО-ДПМНЕ иако презеде дел од долговите на училиштата, не успеа да го реши проблемот. Наместо да се посветат на негово целосно решавање, тие губат енергија за измислување наводни кавги за наводните патриотски грижи, а кога се работи за лични и партиски интереси одлично функционираат, обвинува СДСМ.
-Директорите наместо да менаџираат со училиштата, нивната успешност се мери според тоа кој побрзо ќе обезбеди продолжен кабел и ќе приклучи струја од соседните институции или приватни домови. Зачудувачки е какво морално понижување треба да трпи човек само за да биде директор на некое училиште. Пратениците од владејачката коалиција од Струга наместо да се борат за доброто на граѓаните, нивната борба е единствено за вработување на своите блиски роднини во државни инситуции и да докажат колкави партиски послушници станале при гласањето на законите кои се носат по скратена постапка. Просветните иснпектори сега не влегуваат во училиштата за да проверат зошто наставниците не користат компјутери во наставата. Кого би казниле сега? Наставниците или некој друг? – се вели во соопштението.
СДСМ ги повика министерот Адеми и неговиот заменик Спиро Ристевски да дојдат во Струга и да ја согледаат состојбата на училиштата.
OhridNews