Според општинската организација на СДСМ, именувањето на Елизабета Јанкуловска од Скопје за директор на светски познатата и престижна музичко – сценска манифестација “Охридско лето”,  е уште еден чин на актуелната власт за понижување на градот на УНЕСКО и туристички бисер од светски размери- Охрид.

– Ете колку ВМРО – ДПМНЕ се грижи за својот град и за нивните сограѓани. Се прават, само И само да го разнебитат градот, да го омаловажат и да го деградираат. И во овој случај, јасно и недвосмислено се покажа нивната декларативна сила и се дозволи, за прв пат од постоењето на фестивалот, на директорската фотелја да седне човек анонимус за Охрид, кој не ги познава состојбите и приликите и аналогно на тоа, да се носи со проблемите, кои, за жал се наталожени до тој степен, што тешко дека ќе можат да се надминат во најскоро време, велат од СДСМ.

Од оваа партија потенцираат дека ВМРО – ДПМНЕ цели шест години преку своите кадри менаџираше со “Охридско лето” и за жал, успеа да го доведе фестивалот до оваа состојба, со голем долг кој сеуште не е целосно утврден, со инспектори од Управата за Јавни приходи и од Секторот за внатрешни работи.

– Сето ова донесе за нарушување на имиџот и рејтингот на манифестацијата, градени со години наназад, вести кои сега на многу брз начин се шират низ светот. Повторно Груевски и свитата ќе блеснат во целиот свој сјај како “спасители” на “Охридско лето”, притоа не водејќи сметка за достоинството на културниот храм на Македонија и за добросостојбата на охриѓани, односно само ќе ја коригираат својата грешка од неуспешното менаџирање од своите неспособни кадри во изминатите шест години, која не сакаат да ја признаат, туку сакаат да триумфираат со вакви задкулисни игри, се наведува меѓудругото во дописот од ОО на СДСМ.

Оттаму, додаваат дека оваа фарса на централната власт, која на сите начини сака да го опструира развојот и растежот на Охрид е голема шлаканица за Охриѓани, но уште поголема за Општинскиот комитет на ВМРО – ДПМНЕ, кој дозволил да биде само аморфна маса која Груевски може да ја меси и да ја обликува како што сака и да ја употребува само за избори.

OhridNews