На поголем број работници во А.Д. ЕМО Охрид, поради несовесно, нестручно и незаконско работење на раководната структура,им е оневозможено да добијат материјално обезбедување и здравствено осигурување врз основ на Законот за стечајци.  

– Во мај минатата година, непосредно пред да биде прогласен стечај во ДООЕЛ ЕМО Дистрибутивни трансформатори, член на Одоборот на директори, Извршниот директор и Управникот на ДООЕЛ ЕМО Производство, сите луѓе од ДПМНЕ, од лични и партиски интереси им понудиле на дел од вработените во ДООЕЛ ЕМО Дистрибутивни трансформатори да извршат трансфер во ДООЕЛ ЕМО Производство. Притоа, на тие луѓе им било ветено дека ќе имаат редовна работа, дека редовно ќе земаат плата и дека редовно ќе добиваат сини картони. Останатите нивни колеги, кои не биле ревносни и послушни партиски извршители за ДПМНЕ, биле оставени во друштвото што отиде во стечај. Кутрите работници, излажани од добиените ветувања, надевајќи се дека ќе земаат плата и сини картони, дале отказ во ДООЕЛ ЕМО Дистрибутивни трансформатори и потпишале нови договори за работа. Но оттогаш, еве веќе 9 месеци, ниту виделе плата, ниту виделе син картон, велат од општинската СДСМ.

Оттаму додаваат дека овие работници со тоа ја изгубиле можноста да станат стечајни работници и да ги искористат условите и можностите што ги дава новиот Закон.

– Ниту ќе можат да добијат 7.100 денари надомест, ниту ќе можат да се надеваат на здравствено осигурување. Овие излажани работници само ќе останат да фигурираат како вработени, без никаква можност да добиваат плата и сини картони за бесплатна здравствена заштита. Голготата за овие и за останатите работници во ЕМО, која трае неколку години, продолжува и понатаму, велат од ОО на СДСМ.

Од друга страна, владејачката ВМРО-ДПМНЕ со реакција дека СДСМ на бесполезен начин се обидува  да кокетира со одредена категорија на засегнати работници.

„Имајќи ги во предвид напорите на Владата на Република Македонија и на сите засегнати страни во решавање на случајот со фабриката ЕМО, СДСМ на бесполезен начин се обидува  да кокетира со одредена категорија на засегнати работници. СДСМ се користи со лаги и манипулации, бидејќи на вработените во ЕМО производство им се исплатени шест редовни плати,  а за истиот погон е обезбедена работа за половина од 2014 година, се наведува во реакцијата на општинската ВМРО- ДПМНЕ.

„Во однос на стечајните работници од ЕМО укажуваме дека сите оние кои ги исполнуваат условите се згрижени согласно законските процедури. Лицемерно е партијата  СДСМ да реагира за ЕМО, знаејќи го фактот дека токму директорите од нејзината провиниенција, вклучувајќи го и поранешниот градоначалник Петрески остварија огромни долгови од милионски суми кога беа дел од директорската постава на оваа охридска фабрика, стои во реакцијата на ОК на ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму, додаваат дека ВМРО ДПМНЕ е партија која се залага за трајно решавање на проблемите во фабриката ЕМО и за изнаоѓање на инвеститор кој по секоја цена ќе ги задржи работниците.  Потенцираат дека владата , министрите,пратениците од ВМРО ДПМНЕ  одржуваат постојани средби со цел решавање на проблемите.

OhridNews