Политички реваншизам се спроведува врз вработените од страна на општинската власт во единицата за локална самоуправа во Охрид и по јавните претпријатија, обвинијај денеска од Општинската организација на СДСМ од Охрид.
-Со измените на актите за внатрешна организација и и стематизација на работните места во општината и по јавните претпријатија, извршени од страна на управувачката и раководната структура на ДПМНЕ, општинската власт си зеде за право да спроведува чистка од политички причини. На вработените секојдневно им се делат нови решенија,со кои се врши нивно несоодветно прераспоредување на други работни места, без било какво логично образложение или издржана причина за тоа, велат од СДСМ.
Од таму потенцираат дека промената на работните места кај одредени работници не се одвива според неопходните економски, технолошки или оперативни критериуми, туку исклучиво според нивната политичка и партиска припадност или неприпадност кон владеачката партија.
-Одреден број на вработени лица во државната и јавната администрација во нашата општина се обесправени само поради тоа што не размислуваат исто како и нивните работодавачи, при што тоа нема никаква врска со работата, туку е исклучиво поврзано со политичката определба и партиската припадност на работниците. На тој начин, локалната власт на ДПМНЕ јасно ги покажува своите намери да се пресмета со политичките неистомисленици на еден крајно груб, непрофесионален и нечовечен начин. Упатената порака од ДПМНЕ до административците во локалната самоуправа и по јавните претпријатија во Охрид им е јасна на сите – или ќе бидат со ДПМНЕ и ќе работаат за нив, или ќе следи смена од работното место, принуден одмор, нагласија од СДСМ.
Според нив единствена цел на оваа локалната власт е политички реваншизам врз неистомислениците, но и создавање можности за целосно нетранспарентен и крајно непотребен прием на нови партиски војници на ДПМНЕ на работа во државната и јавната администрација.
Од Охридската СДСМ најавија дека решително и на секој легален начин ќе се спротивстават на ваквите појави и ќе им обезбедат правна заштита на обесправените и оштетените административни работници.
OhridNews