– Градоначалникот во изборната кампања беше јасен и дециден во своите изјави – дека нема да брка од работа, туку дека ќе создава нови работни места. Сега манипулацијата излезе на видело – партиските неистомисленици во општинската администрација секојдневно се шиканираат, се омаловажуваат и врз нив континуирано се врши мобинг. Ужасно е сознанието дека поранешниот раководител на Секторот за туризам и ЛЕР со специјално возило вчера бил одведен од својот дом на информативен разговор во полицијата и држен цели 10 часа на испитување, од 3 часот попладне до 1 часот по полноќ наредниот ден, само затоа што бил посочен од наводен сведок дека вербално му се заканувал на секретарот на општината. Единствената причина за таквото режимско-полициско насилство на општинската власт е тоа што тој истиот секретар веќе бил пријавен за мобинг до соодветните државни институции од страна на поранешниот раководител, се наведува во реакцијата на СДСМ.
Оттаму, со обвинувања до локалната самоуправа за партиски вработувања, и доделувања на работни задачи несоодветни на работните места, без плаќање на одработените вишок работни часови.
– На голем дел од работниците упорно не им се доделуваат конкретни работни задачи од страна на новите раководители, за потоа да им се доделат лоши оценки, како предуслов за нивно бркање од работа. Пораката е јасна – доколку сте непослушни и барате правда, не ви гине затвор. Осветољубивоста, самобендисаноста и стравовладеењето на новата општинска власт ги преминаа сите граници. За сега, изживувањето врз сопствените работници е единствената реформа што ВМРО ДПМНЕ ја направи во општинската администрација, велат од СДСМ.
Од општинската ВМРО- ДПМНЕ пак со став дека СДСМ не знае да разликува што е воведување на стандарди во работата , што е оценка за неквалитетна работа, а што се правни процедури.
– Тоа за СДСМ секогаш било туѓо. Никаков плач и манипулации не смее да спречи реформи во Охрид, посебно не од оние кои го уништија Охрид со своите одлуки , со своето однесување, со односот кон финансиите, со злоупотребата на администрацијата.. Партијата СДСМ која со списоци ги малтретираше и се закануваше врз вработените во локалната влечкајќи ги по некакви граѓански парламенти и митинзи , партијата СДСМ која преку мнозинството во минатиот Совет ги бранеше раководителите на Секторите кои му нанесуваа огромни штети на градот , партијата СДСМ која го доведе Охрид до економски колапс со огромни милионски догови и партијата која на свои партиски членови им делеше договори без да се појават на работно место , денес лицемерно се обидува да се спаси од вината која ја има за катастрофалната состојба во Општината Охрид, велат од ВМРО- ДПМНЕ.