Дали на власта и треба нов политички прогон со монтиран судски процес за одвлекување на вниманието на јавноста од секојдневните скандали и случувања кај нас? – запраша претседателот на општинската организација на СДСМ Томислав Тунтев, на прес конференцијата што се одржа попладнево во партиските простории, а по повод приведувањето на поранешниот градоначалник на општина Охрид и член на оваа политичка опција.

„Изгубената доверба во судството, селективна правда, контролата на власта врз судството и политички притисок врз судиите, нотирани во Извештајот на ЕК, Извештајот на американскиот Стејт департмент и извештаите на други меѓународни организации, оставаат сомнеж дека и овој случај на приведувањето на поранешниот градоначалник на Охрид, Александар Петрески претставува политичка хајка и пресметка со неистомислениците на власта.

За потсетување, кога Петрески беше градоначалник на Охрид, локалната власт беше под силен притисок, постојана контрола и целосна блокада на работењето од страна на централната власт на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ.

Дали дополнително, Петрески е жртва и на фијаското на градоначалникот на Охрид, Бакрачевски од ВМРО-ДПМНЕ, кој не може да ги реализира ветените проекти од неговата програма а ги задолжува охриѓани?“-истакна Тунтев.

Тој рече дека партијата нема дополнителни информации во врска со полициската акција „Јагула“, од тоа што го објавуваат медиумите. Тунтев изрази надеж дека институциите на системот одговорно ќе ја спроведат истрагата и ќе изнесат детали за тоа во јавност, по што СДСМ ќе излезе со свој став во однос на целиот случај.

Г.М.