ОО на СДСМ од Охрид ја поздравува одлуката на градоначалникот на Општина Охрид највисокото општинско признание – наградата „Св. Климент Охридски“, Патронот на Охрид – да му биде доделена на доајенот на охридското и македонското маратонско пливање, професорот Александар Леко Радич.

ОО на СДСМ од Охрид ја подржува и одлуката на Комисијата за одбележување на празници и манифестации и доделување на награди и признанија, со која младите охридски уметници Миланка Новеска и Стојан Стојаноски се закитија со повелбата Св. Климент Охридски, Патронот на Охрид.

– На добитниците им честитаме за високите признанија, со желби за понатамошни успеси и врвни достигнувања во областа на нивното делување, за уште поуспешна афирмација на Охрид во национални и меѓународни рамки. Огромна чест за секој охриѓанец претставува да биде добитник на признание, што го носи името на нашиот Вечен Патрон, велат од СДСМ Охрид.

Оттаму,  ја изразуваат и својата длабока почит кон сите останати кандидати, кои сосема заслужено и рамноправно аплицирале на овогодинешниот конкурс за доделување на наградите.

OhridNews