Под мотото: „Зборот важи“ општинската организација на СДСМ – Охрид како и сите останати во земјава, ќе ги интензивира активностите на терен, меѓу членството, симпатизерите и општо меѓу граѓаните, најави претседателот на ОО СДСМ Охрид Лазе Танески.

Преку прес конференции, изјави за медиумите и соопштенија ќе ја запознаваме јавноста со нашите активности во сите сфери од секојдневното живеење. Свесни сме дека само така и на тој начин преку директна комуникација може да се дојде до вистинските прашања, состојби, одговори и решенија на проблемите кои го мачат обичниот човек. – вели Танески.

ОО на СДСМ – Охрид ги заврши изборите во сопствените редови. Новото раководство, нашите нови тимови заедно со градоначалникот и раководители поставени во општината од разни области во периодот што претстои ќе бидат заедно со граѓаните, истакна Танески.

Се обврзавме пред граѓаните за промени и нов начин и модел на делување, но и на забрзување на напредокот на општеството. Резултатите се гледаат, но има и напластени проблеми и опструкции кои само со многу труд и ангажман на пошироката заедница полесно би се надминале. – додаде Танески.

Тој најави теренски активности и средби со граѓаните во маалата, селата, во урбаните заедници, на тимови на СДСМ, придружувани од партиски носители на функции, советници, пратеници, директори…

Свесни сме дека постојат мал милион нерешени прашања кои бараат одговор. На маалски и урбани средби со граѓаните ќе разговараме за нивните потреби, за отворените прашања, за работата на локалната самоуправа и градоначалниците, за работата на централната власт и на институциите, но и за начинот на решавање на проблемите. Што е добро сработено во изминатите 2 години, што треба да се подобри. – рече Танески.

OhridNews