Во последниот период, Охрид се соочува со загрижувачки тренд на секојдневни трагедии – сообраќајни несреќи, повредени граѓани, небезбедни улици, па дури и смртни случаи. Во град кој претставува културно и туристичко срце на Македонија, ова не само што е алармантно, туку и жално и срамно, велат од СДСМ Охрид.

Додека министерот и началникот на СВР Охрид прават викенд “паради ” во градот и кон тоа и уште дополнителен сообраќаен хаос и го блокираат цел град и сите улици, граѓаните се исплашени и реагираат на отсуството на полициско присуство на критични локации, пешаците се небезбедни, граѓаните се незаштитени. Целосната неефикасност на надлежните тела ја руши довербата на граѓаните. СВР Охрид, наместо да биде симбол на ред, закон и превенција, изгледа како нефункционална институција што го губи допирот со реалноста и потребите на заедницата, потенцираат.

Посочуваат дека началникот на полицијата сноси директна одговорност за оваа состојба.

За време на неговото раководење, безбедносната ситуација се влоши, а одговорност и транспарентност речиси и да нема. Каде се конкретните мерки? Каде се засилените патроли? Каде е проактивниот пристап во спречување на трагедиите, наместо пасивно документирање по настанот? Наместо да се фокусираат на вистински приоритети – безбедноста на децата на улица, регулирање на сообраќајниот метеж, санкционирање на несовесни возачи – полицијата често се занимава со маргинални и несуштински активности кои што скоро секогаш имаат финансиски последици кон невиниот граѓанин, велат од СДСМ Охрид.

Граѓаните, додваат, заслужуваат институции кои функционираат во нивна корист, а не полиција која само егзистира на хартија.

Ако СВР Охрид и актуелното раководство не се во состојба да ја гарантираат основната безбедност во градот, тогаш време е за сериозни кадровски промени и темелна реформа на нивното работење. Охрид не смее да биде град на трагедии – мора да биде град на ред, мир и живот со достоинство, истакнуваат од СДСМ Охрид.

OhridNews