ОО СДСМ Охрид денес со реакција во врска со објавениот јавен повик од Општина Охрид за субвенционирање на инвертер клима уреди кој беше објавен и прекинат истиот ден поради, како што наведоa од општината, големиот интерес и исцрпените средства.
Вчера охриѓани денот го поминаа пред општинската зграда барајќи објаснување од надлежните, зошто не им се примаат документите согласно повикот за субвенционирање на клима уреди. Откако добија одговор дека повикот е завршен поради исцрпување на средствата, а истиот беше објавен истиот ден пред само час – два, се поставуваше прашање: Дали за да добиеш субвенции треба да бидеш партиски послушник на ВМРО – ДПМНЕ Охрид?, прашуваат од СДСМ Охрид.
Потенцираат дека физички невозможно е охриѓани за два до три часа најпрво да разберат за повикот, па да ја соберат целокупната документација, и да аплицираат во архива.
А при тоа, тие кои со сите сили успеаа да стигнат, а не беа претходно информирани како што беа Вашите избраници, беа пречекани со исказ: Повеќе среќа следен пат. Повикот заврши! Целосно изрежирано и нашминкано во Ваш стил, па со оглед на тоа што очигледно не може да престанете да го манипулирате народот, следен пат направете го тоа малку пософистицирано, додаваат во реакцијата од СДСМ Охрид.
OhridNews












