ОО СДСМ Охрид на денешната прес-конференција ја обвини владејачката ВМРО-ДПМНЕ дека го девастира и уништува студенчишкото блато, кое, како што нагласија, треба да биде прогласено за споменик на природата и заштитено како значајна природна реткост.
Како што беше потенцирано од општинската СДСМ, во просторниот план на Република Македонија (2000-2020) предвидено е воспоставување на заштитено подрачје во категоријата споменик на природата со вкушна површина од 64 ha, од кои 27 за одржливо искористување, 21 за активно управување и 16 во строга заштита.
„Сега дознаваме дека студијата не важи, дека одлуката на охридските советници од пред две години не важи и дека мислењата и ставовите на домашните и меѓународните експерти не важат. Во вода, или подобро речено – во блато – паднаа пригодните зборови на сите оние кои пред само една година помпезно ја најавија резлизацијата на проектот „Заштити го блатото, сочувај го златото“. Од тој проект не бидна ништо – ни заштитен појас, ни туристичка атракција, ни мостиња и патеки за движење, ни едукативни киосци за набљудување, ниту пак резервати и хабитати за флората и фауната. Ниту еден клинец надлежните институции не заковаа на ниту една штица околу блатото, па да кажеме дека нешто започнало да се реализира. Ништо од тоа, што беше усвоено и потврдено од релевантните лица и институции, веќе не важи. Сега важат инструкциите, добиени од власта на ДПМНЕ, според кои локалната самоуправа треба да изврши ревизија на зоната на строга заштита.“ – истакна портпаролот на ОО СДСМ – Охрид Александар Кузески на пресконференцијата што се одржа денеска.
Оттаму потнецираа дека властите на владејачката партија имаат за цел да го пренаменат блатото во туристичка зона и истото да го урбанизираат.
„Градоначалникот пред новогодишните празници најави ново документирање и анализа на состојбите со блатото, за веднаш потоа да изјави дека „… природно е блатото да се урбанизира, затоа што е блиску до градот“. На тој начин, власта на ДПМНЕ прави двоен упад – ем го девастира и уништува тоа што треба да биде прогласено за споменик на природата и заштитено како значајна природна реткост, ем повторно, како во случајот со Љубаништа, Св. Наум и Плаошник, ги одзема ингеренциите на Советот на општина Охрид и носи одлуки базирани исклучиво врз лични и ситно-партиски интереси, не почитувајќи ја волјата на охриѓани. Штетите, што на тој начин ќе му бидат нанесени на живиот свет во Студенчишта и во Охридското Езеро, ќе бидат огромни и ненадоместливи.“ – додаде Кузески.
Оттаму ја повикуваат стручната јавност да не дозволат да бидат замолчени и игнорирани од страна на властите на ДПМНЕ и решително да го кренат својот глас против уништувањето на нашето природно наследство.
OhridNews