СДСМ Охрид укажуваат на неколку како што велат неточности и пропусти во изјавата на градоначалникот Кирил Пецаков во која ја коментира туристичката сезона и тврди дека „светските метрополи работат по истиот принцип“.

Не се два месеци – Туристичката активност и економските договори не траат само во јули и август. Договорите со закупците на тезги и куќички често се на подолг период. Потребно е да се проверат фактите пред да се изнесуваат вакви генерализирани тврдења.

Не се работи за тоа „колку ќе издржиме “ , туку за автентичност на градот– Граѓаните не се против економска активност туку бараат зачувување на автентичниот лик на Охрид. Туристички град со светско наследство не смее да изгледа како класичен панаѓур со лесковачки скара, боксови за игри и американски крофни.

Намерата при поставување на куќичките – Куќичките од типот на оние на плоштадот се воведени пред повеќе од 5 години со цел да се уреди и облагороди одреден простор, а не да се претвори центарот на градот во импровизиран вашар.

Недоследност во изјавите – Градоначалникот во едни изјави тврди дека не му е пријатно ваквото решение, а во други дека е горд на тоа. Ваквата недоследност создава конфузија и остава впечаток на двојни стандарди.

Угостителите плаќаат цела година – Никој не сака да го намали профитот на локалните угостители, но тие заслужуваат инфраструктурно и естетски подобро решение на соодветна локација, кое нема да го нарушува изгледот на Охрид, посочуваат од СДСМ Охрид.

Потенцираат дека Охрид како туристички бисер и град под заштита на УНЕСКО заслужува туристички концепт кој ќе ја задржи неговата автентичност и ќе го подигне квалитетот на понудата.

Наместо хаотични панаѓури во центарот, треба да се работи на модерни, естетски и културно усогласени содржини, кои ќе бидат гордост и за граѓаните и за туристите, додаваат од СДСМ Охрид.

OhridNews