Според општинската СДСМ вчерашниот отчет на градоначалникот Никола Бакрачески,  не покажува се што реализирале, туку се што оваа локална самоуправа ветила, а не успеала да реализира.

– Во своето обраќање, Бакрачески за најзначајни успеси од неговиот четири и пол годишен мандат ги споменува пешачките патеки и кружните текови кои на неколку локации ги изградија од џепот на граѓаните, односно со кредитот кој им го додели Светска Банка. Бакрачески се фали што направил со вашите пари и тоа го зема за свој успех. Во неговиот отчет вели дека ја консолидирале состојбата на јавните претпријатија во градов, се фали со работењето на ЈП „Билјанини Извори“, претпријатие кое во неколку наврати остануваше без снабдување со електрична енергија, во зимски месеци кога внатре тренираа мали деца. Бакрачески се фали и со функционирањето на Комуналец, претпријатието одговорно за неподносливата реа која се шири во овие летни месеци, купиштата ѓубре насобрани во контејнерите кои се одлагаат во најголемиот сообраќаен шпиц, како и нефункционирањето на подземните контејнери кое и сами го признаваат. А локацијата кај Мауцкер која на големо ја најавуваа како технолошко-индустриска развојна зона ја претворија во место на кое токму Комуналец противзаконски депонираше секаков отпад. За вложувањето во образовните институции, особено во градинките, јавноста многу убаво виде како се случувало, со кровови кои пропуштаат вода недела дена по нивното реновирање, со нелегално продавање на отпадниот лим од кровната конструкција и слични практики карактеристични за ДПМНЕ, велат од СДСМ.

Додаваат дека Никола Бакрачески не направил апсолутно ништо за Охрид и за граѓаните на Охрид.

– Според него, најголем успех во неговиот мандат е тоа што успеал да го намали долгот на општината, но досега од него не сме чуле точно колкав долг затекнале, ниту пак колкав е долгот сега кога тврдат дека го намалиле. Досега се изнаслушавме само паушални изјави, а никако прецизни бројки. Фактот дека на нецели два месеци до локалните избори тој најавува изградба на Домот за стари лица, како и интензивни активности за изградба на започнатите затворен градски базен и нова автобуска станица само покажува дека ДПМНЕ и оваа локална самоуправа не ги интересираат овие проекти. Тие добро знаат дека ниту сакаат, ниту биле во план да ги започнат овие значајни капитални проекти. Капитални проекти не се пешачки патеки околу езерото, ниту кружни текови по „Туристичка“. Капиталните проекти со кои Бакрачески ја измами довербата кај охриѓани во 2013та се сеуште предизборно ветување и ништо друго, велат од општинската СДСМ.

OhridNews