–Во моментов градоначалникот Александар Петрески кој успешно ја извршува функцијата градоначалник и покрај огромните притисоци и опструкции од Централната власт на ВМРО-ДПМНЕ, својата активност ја има насочено кон реализирање на зацртаната програма на активности и реализација на дадените предизборни ветувања во 2009 година. Градоначалникот Петрески успешно се справува со неразбирливите обиди на Владата на Груевски, која не сака да го реализира се она што го вети. Но тој изнаоѓа начини и патишта, сепак дадените ветувања да ги преточи во реалност, велат од охридското раководство на СДСМ. Според нив ова е логична причина што Петрески, покрај другите можни предлози ќе биде во тесниот избор за кандидат за градоначалник.
Социјалемократите велат дека кандидатот за градоначалник и за овие избори, партијата ќе го одбере како и досега низ една однапред утврдена демократска процедура.
– Предлозите за можни кандидати за градоначалник мора да произлезат од членството на партијата. Тоа значи дека врз основа на однапред сондирани мислења во месните организации на СДСМ кои ќе дадат свои конкретни предлози за можни кандидати, се прави ранг листа на можни кандидати која ја разгледува и по неа расправа Извршниот одбор на ОО на СДСМ – Охрид. Во координација со Централата во Скопје, таа предлог листа повторно се враќа на разгледување во Извршниот одбор, кој го утврдува можниот кандидат за градоначалник на Охрид, појаснуваат од охридското раководтво на СДСМ.
Оттаму нагласуваат дека кандидатот за градоначалник, кој ќе го кандидира СДСМ треба да биде таква личност која треба да има високо реноме во партијата, но истовремено да е чесна, позитивно настроена и омилена личност меѓу граѓаните на Охрид.
Охридските социјалдемократи сметаат дека предизборната кампања за претстојните локални избори во Охрид, не е започната и дека СДСМ работи според однапред утврдена програма на активности која е донесена веднаш по завршувањето на локалните избори во 2009 година.
-Сите тие активности, непрекинато се одвиваат во рамки на упатствата и препораките од Централата во Скопје, така што сметаме дека како резултат на континуираните активности, подготовките за престојните локални избори ќе дадат резултат како и во претходните два изборни циклуси на локално ниво, но и пошироко на ниво на Република, при што СДСМ ќе излезе како апсолутен победник. Верувам во Охриѓани и во граѓаните на Република Македонија, кои секогаш знаеле да го одберат она што за нив е подобро, а во моментов тоа е СДСМ кој се јавува како обединувачки фактор за излез од кризата која ја наметна ВМРО-ДПМНЕ со својата погубна политика за земјата и граѓаните воопшто, вeлат социјалдемократите.
Тие се убедени дека ќе успееат да ја зачуваат власта во Охрид, но и да ја освојат во други градови во Македонија.