СДСМ на денеска одржаната пресконференција излезе со серија обвинувања за лошите состојби во охридскиот спорт, за што одговорност според оваа партија сноси актуелната власт.
Од СДСМ посочуваат дека општина Охрид до претходната година имала пракса да ги поддржува спортските клубови во градот со обезбедување превоз и основни средства за котизација на екипите кои се натпреваруваа во сениорските и младинските лиги, за разлика од сегашната локална самоуправа.
„Новата локална власт во Охрид, следејки ги политиките на централната извршна власт за бркање на младите од сопствената држава, ги превзеде следниве конкретни чекори:
– Згаснување на женската фудбалска екипа, актуелен шампион на Република Македонија и учесник во лигата на шампионите.
– Кошаркарскиот клуб „Колибри“ кој за две години со својот подмладок стигна до чекор за влез во Прва лига беше оставен на цедило без средства за котизација и превоз.
– Атлетскиот клуб кој е еден од најтрофејните клубови во Охрид, оваа година е оставен сам на себе.
– Кајакарскиот и веслачкиот клуб не учествуваа на регати како до лани, а нивните натпреварувачки активности се сведени на минимум…“-обвинија од СДСМ.
Оттаму додаваат дека еден од приоритетните проекти во изборната програма на ДПМНЕ за локалните избори бил и тој за изградба на затворениот базен, како основен предуслов за развој на пливањето и ватерполото, како водени спортови со најдолга традиција во спортскиот живот во Охрид. „Но, и овој проект ја доживеа судбината на многу други проекти на ДПМНЕ, кои останаа само мртво слово на хартија и пуста желба. Единствениот базен во градот, каде што во текот на летните месеци можат да се организираат пливачки школи, сеуште е отворениот базен во СРЦ Билјанини Извори, кој после долги години беше реконструиран, рехабилитиран и повторно вратен во функција во времето на претходниот градоначалник.“-велат од СДСМ.
Опозциската партија смета дека е жалосно што охридскиот спорт е маргинализиран, а притоа градоначалникот прима заслуги за придонес во развојот на спортот.
OhridNews