Социјалдемократскиот сојуз денеска ќе поднесe кривична пријава против Никола Груевски, рече на денешната прес-конференција, лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
„Груевски со побараниот и примениот милионски кеш во случајот Македонска банка направил три тешки кривични дела, противзаконско посредување, примање поткуп и затајување данок. Пријавата ја поднесуваме до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Со неа како доказен материјал е доставена и аудио снимката на којашто јасно се слушаат инструкциите на Груевски и неговата инволвираност во извршувањето на делата.“ – рече Заев.
Според него, Груевски ја искористил својата службена положба како пратеник и како лидер на ВМРО-ДПМНЕ во 2003 и 2004 година.
„Од тие позиции посредувал и влијаел кај мнозинството акционери во Македонска банка АД Скопје, да ги продадат акциите од 51% на Јовица Стефановиќ-Нини. За тоа Груевски договорил награда од 1.500.000. евра директно во кеш, а останатите 900.000 евра со сукцесивно повлекување, повторно во готовина.“ – смета Заев.
Тој додаде дека Груевски дал лажни податоци за своите приходи, противзаконски избегнал плаќање данок кон државата, на што бил обврзан, со што, според лидерот на опозициската СДСМ, ја оштетил и државата и граѓаните на Македонија.
„Од обвинителството очекуваме ефективна истрага за случајот Македонска банка, посебно што во него постојат сериозни индиции за криминал направен од лице коешто осум години е на чело на државата, лично премиерот Никола Груевски. Обвинителството има можност, ако смета за потребно, да спроведе експертиза за веродостојноста на аудио снимката што ја приложивме како доказ. Така ќе паднат во вода сите очајни обиди на Никола Груевски да се скрие, преку лагите на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ и очигледната забрана на медиумите под негова контрола, да информираат за овој невиден скандал.“ – потенцира Заев.
Тој презентираше нови документи, кои, според него, се доказ за примена готовина.
„Еве ги тие официјални документи. На нив го има црвениот партиски печат на ВМРО-ДПМНЕ и потпис на овластеното лице, најверојатно тогашниот секретар на партијата. Станува збор за потврди за примени пари во кеш, како донација, во 2006-та година, од 30.000 евра и 50.000 евра, или вкупно 80.000 евра. Како донатор се јавува лицето Тумбовски Загорец. Во моментот на уплатата на донацијата во кеш, Никола Груевски, покрај претседател на ВМРО-ДПМНЕ, е и премиер на Република Македонија, веќе четири месеци.“ – рече Заев.
Од друга страна, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, поднесе тужба за утврдување граѓанска одговорност за клевета и навреда, против Зоран Заев, челникот на најголемата опозициска партија СДСМ.
Зоран Заев, како што истакна на вчерашната прес-конференцијата Илија Димовски, директор на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, пред судот ќе мора „да си бара оправдувања за своите лаги и конструкции и клевети со кои го клевети (Груевски) во минатите денови дека земал кеш 1,5 милиони евра и разни други измислици“.
„СДСМ се служи со фалсификати и лаги за да се спаси од огромниот изборен пораз. Во нивните постапки се гледа само очај, паника, страв, гнев и омраза“, истакна Димовски.
Тој прецизираше дека наводниот документ што претходно Заев го презентираше, според партијата е „класичен, груб, но и смешен фалсификат“.
„Тоа лесно се докажува, бидејќи партискиот печат кој е искористен на документот е прогласен за неважечки уште во 2004 година. Печатот е пријавен и прогласен за неважечки. До Основниот суд во Скопје на 15.10.2004 година од наша страна е доставен Статутот на ВМРО-ДПМНЕ и опис како ќе изгледа новиот печат. Судското решение е издадено на 02.11.2004 година. Ова е непобитен доказ дека она што Заев го приложува денеска не е печатот на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е стар печат кој го користело поранешното, старо раководство на ВМРО-ДПМНЕ“, појасни Димовски.
Димовски објасни дека против лицето чиј потпис стоел на, како што повтори – фалсификуваниот документ, во 2007 година била покрената кривична пријава од страна на Министерството за внатрешни работи и е правосилно осудено.
Тој додаде дека потписникот на документот што пред медиумите го презентираше како доказ Заев, со конечна одлука на Врховен суд во 2013 година е осудено на единствена казна затвор од 6 години, дополнително задолжен е на оштетени лица од него да им врати 27 милиони денари.
„Тој бил правосилно осуден со правосилна одлука на Врховен суд за, внимавајте, фалсификување документи, за даночно затајување и перење пари. За да биде иронијата поголема, ова лице веќе неколку години е во бегство и не ја отслужува затворската казна“, прецизираше директорот на Центарот за комуникации на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
„Значи, Зоран Заев излегува на прес-конференција со фалсификуван документ на којшто стои печат кој две години претходно е поништен, во време на расколот, кога истиот исчезна од партијата и со наводна каса-прими на која стои дека е од лице кое во време на ВМРО-ДПМНЕ е осудено од страна на Врховен суд за фалсификување документи, за даночно затајување и за перење пари и е лице кое е во бегство. Дополнително на наводната каса прими има измислен потпис“, сублимираше Димовски.
OhridNews
„Макфакс“