Пратениците од ВМРО ДПМНЕ од Охрид без никаков срам, уште еднаш ги излажаа охриѓани. Проектите што ги ветуваа во 2013 и во 2014 година, повторно ги ветија и вчера, велат од општинската СДСМ.

– Власта во заминување ја ветува изградбата на марина по четврти пат – ветувањето е исто, само локацијата се менува. И експресниот пат Охрид – Пештани се ветува цели 3 години, но неговата изградба никако не започнува. Пратениците од ВМРО ДПМНЕ од Охрид не им ја кажаа болната вистина на охриѓани – дека постоечките проекти за марината и за експресниот пат имаат негативно влијание врз животната средина и дека никогаш нема да бидат реализирани, велат од СДСМ.

Оттаму, додаваат дека ВМРО ДПМНЕ ја крие вистината од охриѓани дека со таквите проекти сериозно се загрозува природното наследство – Студенчишкото блато и Галичица и дека тоа е причината што меѓународните финансиски институции одбиваат да ги финансираат, како што велат, ваквите штетни проекти на корумпираната власт, а Охрид годинава ќе се најде на листата на загрозени подрачја што се под заштита на УНЕСКО.

– Подобро ќе беше пратениците од ВМРО ДПМНЕ од Охрид да и‘ објаснат да охридската јавност зошто цели 4 години не е реализирана ниту една од ветените капитални инвестици? Зошто Општата болница во Охрид е со блокирана сметка во финансиска дупка од над 2,5 милиони евра и зошто сите приодни магистрални и регионални патишта кон Охрид останаа непроодни и неисчистени од снегот кога за чистење на снегот секоја година на три фирми им се даваат 1,5 милиони евра народни пари. ВМРО ДПМНЕ е партија која секогаш се стреми кон повисоки провизии од „дил ориентид“ тендерите и кон осиромашување и лажење на сопствениот народ. Мнозинството од граѓаните на Македонија, над 600 илјади, на 11 декември јасно ја изразија својата волја и избраа промени и нова одговорна власт. Пратениците од ВМРО ДПМНЕ како опозиција во парламентот многу наскоро ќе мора да дадат одговори на поставените прашања за лажните ветувања, криминалните зделки, виртуелните инвестиции и нереализираните проекти, се наведува во дописот од општинската СДСМ.

OhridNews