Визијата на СДСМ е Македонија да стане општество на бројна, економски стабилна и финансиски одржлива средна граѓанска класа. Само таквата средна класа, која треба да зафаќа над 80 отсто од вкупното население, може да биде гарант за брз економски развој на државата и за подигнување на животниот стандард на населението. Македонија мора да има економија што ќе биде компатибилен дел од економијата на ЕУ, изјави на денешната прес-конференција, претседателот на ОО на СДСМ, Томислав Тунтев.
Презентирајќи делови од програмата, меѓудругото Тунтев најави враќањето на дел од ДДВ-то на секој граѓанин, воведувањето на праведни даноци, зголемувањето на минималната плата на 10 илјади денари, пензионирањето според возраста и според работниот стаж, воведувањето на државна социјална пензија во висина од 40 отсто од просечната старосна пензија, зголемувањето на социјалната помош за 40 проценти, донесувањето на закон за социјална заштита од енергетска сиромаштија, зголемувањето на детскиот додаток за 60 отсто, како и низа мерки за олеснување на положбата на лицата со посебни потреби.
„Овие и уште многу други реално одржливи и брзо остварливи проекти ќе овоможат веднаш да се втемелат трите столба на програмата на СДСМ – враќање на средната класа, враќање на демократските слободи и враќање на иднината на нашите деца. Покрај тоа, целосно ќе го решиме проблемот со стечајните работници, преку обезбедување паричен надоместок за сите граѓани кои останале без работа поради приватизацијата, а имаат 15 години работен стаж со платени придонеси.“ – рече Тунтев.
Тој потенцира дека темелно ќе бидат преиспитани проектите „Плаошник“, „Љубаништа“, „Студенчишко блато“, „Мауцкер“, „Аеродромот на вода“, „Галичица“, „Законот за Охрид“, „Законот за туристичките развојни зони“, кои како што рече, можат да имаат несогледливи и непоправливи штетни последици врз природното, културното и историско наследство.
„Ќе го реализираме инфрструктурниот патен проект „Македонија мегалополис“ – патно поврзување на населените места што ќе овоможи патување меѓу сите најголеми урбани центри во државата не подолго од 90 минути. Во здравството ќе го укинеме проектот плаќање по учинок и ќе воведеме дополнителни стимулации за здравствените работници.“ – потенцира Тунтев.
Кандидатот за пратеник од редовите на СДСМ, Мишел Силјаноски, рече дека младите во земјава најсилно ги чувствуваат погубните политики на актуелната власт, потенцирајќи дека Охрид е пример за иселување на младите луѓе.
„Навистина е жалосно, што секојдневно поради нашата борба за егзистенција сме принудени да размислуваме за напуштање и го напуштаме еден од најубавите градови на Балканот.Кога актуелните владини преставници зборуваат за успешна младинска политика и сите мерки кои се однесуваат на младите, дали го имаат во предвид фактот дека над 55% од младите се невработени како резултат на нивните политики, што не прави неславни рекордери во нашиот регион и во Европа?! –податок од Светска банка.“ – рече Силјаноски, најавувајќи ги проектите меѓу кои укинување на екстерното тестирање, гаранција за млади, субвенционирање на вработувањето на невработени млади лица на возраст до 29 години, поврзување на стручното образование со пазарот на труд и други.
Ѓоко Танасоски, кандидатот за пратеник од СДСМ, рече дека најголем приоритет на партијата ќе биде почитувањето на Уставот и законите, враќање на правната сигурност, принцип на отчетност на носителите на јавни функции, промовирање на јавни дебати за сите значајни прашања во државата, транспарентно трошење на буџетските средства, зајакнување на пристапот до информациите од јавен карактер, целосна департизација на судството, намалување на драконските казни за 50 отсто, како и реформирање на казнената политика.
„Во врска со прашањето за јавната администрација, пак, мој личен став е дека ВМРО ДПМНЕ ја претвори јавната администрација во партиски,. а не јавен сервис на граѓаните и гласачка машинерија за одржување на режимот. Наспроти тоа, пристапот на СДСМ ќе се базира на:квалитет, професионалност на кадарот и добра организација, професионализација и целосна департизација на јавната администрација, олеснување на постапките за остварување на правата и интресите на граѓаните пред органите на јавната администрација, стимулативен систем на наградување, со кој платата на службениците ќепред органите на администрацијата биде поврзан со растот на економијата, бесплатни, системски и перманентни обуки на вработените од една страна и активно вклучување на бизнис-заедницата во креирањето на програмите за едукација на службениците од друга страна, транспарентност на администрацијата т.е. јавна достапност на сите акти донесени од администрацијата, подготовка и објавување на регистар на јавни претпријатија.“ – рече Танасоски.
Носителот на листата во 5-тата изборна единица од редовите на СДСМ, Васко Ковачевски, рече дека изборната програма „Промени за нов почеток“ нуди рамномерен регионален и локален развој.
„А не како досегашната власт која инвестира само во главниот град во мермери, споменици, жални врби. Охрид и охриѓани заслужуваат повеќе и подобро. Затоа, нашата борба против оваа криминална и корумпирана власт продолжува со нови, чесни и искрени луѓе, со нов концепт и нова визија.“ – рече Ковачевски.
OhridNews