Наместо да ги решаваат се‘ поголемите проблеми со јавната чистота, кои сите граѓани на Охрид секојдневно ги чувствуваат, раководните кадри во ЈП „Охридски комуналец“ удрија безмилосно по работниците, се наведува во дописот од општинската СДСМ.
– 60-тина работници од ЈП „Охридски комуналец“ парично беа казнети без никаква претходна опомена за наводна нередовност. Според информациите доставени до нас, поголемиот дел од казнетите работници користеле годишен одмор или слободни денови за време на изрекувањето на казните. Да биде иронијата уште поголема, ЈП „Охридски комуналец“ на санкционираните работници им должи слободни денови или часови, кои работниците порано ги одработиле, но не се во можност да ги искористат. Менаџерскиот тим има обврска да им одговори на граѓаните до кога работниците ќе страдаат поради неспособноста и нестручноста на раководството на ова локално јавно претпријатие?!, стои во дописот на СДСМ.
Оттаму прашуваат дали менаџерскиот тим ќе има доблест да им се извини на оштетените работници и да ја поправи грешката со која што се создал немир во семејствата на казнетите работници.
OhridNews