Советот на општина Дебрца во вторник ќе одржи итна седница на која ќе се разгледува иницијативата на градоначалникот Трајкоски за распишување референдум за изградбата на регионална депонија во Годивје. На ова реагира советничката група на СДСМ која ги обвини градоначалникот и советниците од ВМРО ДПМНЕ дека манифестираат лажна загриженост, бидејќи не реагирале кога започнала постапката за изработка на Студијата за еколошката оправданост за регионалното управување со отпад во декември 2015 година. 

„Изработката на Студијата за еколошката оправданост за регионалното управување со отпад не е денешен проект. Тоа е проект на Министерството за животна средина од декември 2015 година. Трајкоски повеќе од година и пол е Претседател на Советот на Југозападниот плански регион и зошто до денес не реагираше на предложеното решение за село Годивје, како локација на регионалната депонија ? Не реагираше затоа што неговата партија преку Министерството за животна средина го тераше тој проект? Повеќе од очигледно е дека ваквото душегрижништво на Трајкоски и пратениците претставува политичко лицемерие од најдолен вид, политичко профитерство, со цел да се добијат ситни политички поени во пресрет на локалните избори.“ – велат од СДСМ.

СДСМ смета дека наместо со референдум битката против регионалната депонија треба да се одвива по правен пат.

„Потполно ја разбираме загриженоста на граѓаните на Дебрца и ја поддржуваме секоја форма на изразување на нивното незадоволство, но цениме дека референдумското изјаснување во овој момент е непотребна алатка, од причина што одбраната на еколошка Дебрца треба да оди според логичниот редослед на правни чекори. Согласно одредбите на Законот за управување со отпадот, за да се воспостави регионален систем за управување со отпад, што подразбира формирање на институционални регионални тела и изградба на регионална депонија потребно е одлуки да донесат советите на сите општини од регионот. Тоа подразбира дека советот на општина Дебрца во секој момент има механизам да ја спречи изградбата на регионалната депонија на својата територија.

Исто така, одржувањето на референдумот во овој период речиси и да е невозможно, ако се има во предвид дека тоа ќе биде период на веќе распишани локални избори, кога Општинската изборна комисија, како надлежен орган за спроведување и на локалниот референдум ќе биде ангажирана во спроведувањето на изборните дејствија за локалните избори, согласно Изборниот законик.“- се вели во партиската реакција.

Од СДСМ велат дека се против изградбата на регионална депонија во Дебрца. Најавија дека советничка група ќе побара советот на општината во оваа фаза да се изјасни по предложеното решение од Студијата и истото недвосмислено отфрли како неприфатливо за граѓаните на Дебрца.

„Во понатамошната постапка да се искористат другите законски механизми за еколошка одбрана на Дебрца, вклучително и изјаснување на граѓаните, доколку не се почитува волјата на граѓаните на Дебрца изразена преку одлуките на советот на општината. Во таа прилика, принципиелно ќе побараме граѓаните на Дебрца на дополнителен референдум да се изјаснат и за изградената асфалтна база и доделените еколошки спорни концесии за експлоатација на минерални суровини.“ – се вели во соопштението на ОО СДСМ Дебрца.

OhridNews