Според опозициската СДСМ, со одлуката на на Советот на јавни обвинители да се преполови тимот на Катица Јанева, прекршен е Договорот од Пржино и Законот за специјалното јавно обвинителство, поради што тие се повлекуваат од преговорите на партиски консултации.

„Ова денеска што се случи со неизборот на тимот на обвинители на специјалниот јавен обвинител, де факто значи дека Договорот од Пржино е прекршен. Исто така, прекршен е и Законот за специјалното јавно обвинителство за којшто впрочем се договаравме сите политички партии учесници во процесот на договарање. Сакам да ја информирам јавноста дека Социјалдемократскиот Сојуз се повлекува на консултации во партијата во однос на ова кршење и непочитување на Договорот. За нас договорот од Пржино веќе не е активен и не е во функција и во тој дух ќе соопштиме понатамошни наши чекори коишто ќе следат после консултациите во СДСМ“, изјави генералниот секретар на СДСМ, Оливер Спасовски, пред Клубот на пратеници.

Спасовски рече дека СДСМ ќе одржи партиска консултација, а нивниот став за понатамошното делување во процесот ќе го соопштат утре.

„Ние се повлекуваме од преговорите на консултации во партијата. За нас Договорот од Пржино не е повеќе активен. За сите следни чекори кои ќе ги преземеме понатаму, ќе бидете информирани“, изјави Спасовски, кој потенцира дека тие нема да дозволат да потпишат уште еден договор кој ќе биде палома хартија.

Лидерот на партијата Зоран Заев, во претходнмите неколку дена беше во посета на израел, од каде се враќа денеска, и ќе учествува на партиските консултации за понатамошните чекори на партијата за решавање на политичката криза во земјава.

Претходно, олеснувачот во преговорите Питер Ванхауте изјави дека бил постигнат договор за Изборниот законик, без да прецизира што е договорено, но дека една партија се повлекува од преговорите.

OhridNews

Извор:„Макфакс“