Од општинската СДСМ обвинуваат дека минатата недела се случила уште една груба злоупотреба и партизирање на охридското задравство од страна на ДПМНЕ. Како што рече на денешната прес конференција Александар Кузески од ОО на СДСМ, општата болница и Специјалната болница „Св. Еразмо“ уште еднаш биле искористени за лично и политичко профитерство и кариеризам од поедини здравствени работници од владеачката партија, кои воедно се и кандидати за пратеници од ДПМНЕ.

– Вториот пат нивниот настап пред медиумите беше „стручно појачан“ и од страна на самиот градоначалник, како и од раководните здравствени работници од редовите на ДПМНЕ. Просто човек да не верува како е можно сериозни политичари и еминентни лекари и специјалисти да се однесуваат како болниците да се нивна „дедојна“, нивна приватна своина или нивни приватни објекти. И општата болница, и болницата за ортопедија и трауматологија, и здравствениот дом, и центарот за јавно здравје – ниту се приватни здравствени установи, ниту се приватни објекти на директорите и лекарите, ниту се приватна партиска своина на ДПМНЕ. Тоа се објекти од јавен карактер, од посебно општествено значење, кои подеднакво им припаѓаат на сите граѓани, на сите лекари, на сите здравствени работници и на сите пациенти. Тоа се објекти што државата ги изградила и опремила со народни пари и крајно лицемерно е заслугите за нивното функционирање да си ги препишуваат за себе само неколку самоповикани и самопрогласени партиски лидери на охридското здравство. Уште поголема хипокризија и крајно неколегијално однесување е понижувачкиот однос кон сопствените колеги – здравствените работници во болниците, како главни носители на здравствениот процес во општинава, кои со ниту еден збор не беа барем ни спомнати на одржаните партиски прес конференции, рече Кузески.

Кузески додаде дека непрофесионално биле давани податоци и околу износите за потрошените средства во охридското здравство.

– Прво на јавноста и беше речено дека инвестицијата за општата болница чинела 4,3 милиони евра, за од менаџерите на истата таа болница сега да слушнеме дека биле потрошени 7 милиони евра. Затоа прашуваме, кога менаџерите на болницата ја зборуваа вистината – минатата година пред локалните избори или сега пред парламентарните избори?! Со народни пари, со туѓи пари, многу лесно е некој да се фали дека ги потрошил за инвестиции, од кои нема реално покритие ниту за половината. Затоа, како од „експерти“ за давање отчети, охридската јавност очекува отчет – во чии џебови завршија парите што беа потрошени за наводните инвестиции во охридската општа болница?!, праша Кузески.

Кузески се осврна и на набавката на компјутерскиот томограф за кој рече дека како и пред три години, за предвремените парламентарни избори, така и сега компјутеризираниот томограф се користи како главен адут за добивање на гласови на изборите. Праша како е можно сериозни лекари и сериозни политичари да се фалат со скапа медицинска апаратура, која е купена со народни пари.

Од СДСМ прашуваат: Која нова метода е рутински имплементирана во новата Општа болница по водството на „експертскиот“ менаџмент од ДПМНЕ, без визитинг професори и слични оперативни комбинаторики, колку специјалисти радиолози работеле на компјутерскиот томограф кога бил свечено пуштен во употреба на три дена пред минатите вонредни парламентарни избори и колку специјалисти радиолози работаат денес, три години подоцна, како и што е со ветеното кадровско екипирање во врска со работата на компјутерската томографија.

OhridNews