И општина Дебарца не е исклучок од скандалите што ги приреди власта со вработувањето на 1.600-те социјалци во “Македонски шуми”, реагираат од ОО СДСМ Дебарца.

„Според податоците со кои располагаме пет лица со живеалиште во општина Дебарца се вработени во “Македонски шуми”. Останува нејасно како барабанот на Министерството за информатичко општество и Македонската телевизија “случајно’’ додели социјални вработувања исклучиво на лица кои се членови или партиски активисти на власта. Притоа, најскандалозна е вработувањето на ќерката на претседателот на Месниот комитет ВМРО ДПМНЕ с.Лешани, која според објавените податоци добила 60 бодови и тоа 40 бода за приходи во домаќинство и 20 бода за самохрани и еднородителски семејства. Како се доделени 40-те бодови за ниски приходи не ни е јасно, ако се знае дека нејзиниот татко има луксузна семејна куќа во село Лешани, стан во Охрид, две патнички моторни возила, а и самиот пред неколку години како истакнат партиски активист беше вработен во ЈП “Македонски шуми”, подружница “Галичица” Охрид, каде се уште работи. Уште поскандалозно е доделувањето на 20 бода како самохрано и еднородителско семејство, ако се знае дека не се работи за такво семејство, освен ако се разбира не станува збор за уште една манипулација и изигрување на законот. Од друга страна беа одбиени повеќе вистински социјални случаи. Ваков вид изживување со судбината на социјално загрозените лица е пример без преседан.“ – стои во соопштението. 

OhridNews