Коалицијата „Сојуз за иднината“, предводена од СДСМ, поднесе нови претставки до Државната изборна комисија и Антикорупциската комисија за испитување на случаи на злоупотреба на буџетските средства во предизборна кампања и испитување на предизборни ветувања во јавните институции од централната и локалната власт, пренесува „Макфакс“.

СДСМ бара да се покренат прекршочни постапки за 73 случаи на злоупотреба на народните пари од власта и нејзините кандидати. Според нив, функционерите на ВМРО ДПМНЕ со поставувањето на камен темелници и отворање на инфраструктурни објекти среде кампања, директно ги прекршуваат членовите 11 и 12 од Законот за спречување на корупцијата.

Тие бараат да се покренат прекршочни постапки за огласите кои биле објавени по распишување на изборите, а преку кои требало да се вработат 164 лица во државни и јавни институции, како и преку програми за самовработување плус 930 лица, или вкупно 1094 лица.

„Овие злоупотреби се причината поради која Никола Груевски и ВМРО ДПМНЕ упорно избегнуваат да ги прифатат препораките на ОБСЕ/ОДИХР со кои треба да се воведат ефикасни механизми за спречување на власта да ги злоупотребува буџетските средства во предизборни цели, како и воведувањето на многу важен принцип државната да биде одвоена од партиската функција. Ние ќе продолжиме да ги процесуириме сите неправилности и злоупотреби кои ги прави ВМРО ДПМНЕ заедно со партизираните државни органи и режимски медиуми во текот на оваа кампања, и истите ќе ги објавиме и во “црна книга““, изјави потпретседателот на СДСМ,Гордан Георгиев.

Според него, со ова никој повеќе нема дилеми дека власта нема намера да организира фер и демократски избори.

„Тоа што Никола Груевски не се откажува од своите механизми за да се обидува да влијае врз волјата на гласачите е всушност негово признание дека и самиот е свесен дека ја нема повеќе подршката на народот“, рече Георгиев.

OhridNews
извор:„Макфакс“