Владата на ДПМНЕ конечно се смилува и ја отвори фиоката за да го извади кредитот од Светска банка за Охрид. Министерот за финансии и вицепремиер, во Охрид, повторно пред избори, кажа дека кредитот е одобрен и ќе биде доделен за развојни проекти.  Но, охриѓани знат дека тој кредит беше доделен и одобрен на барање на локалната власт на СДСМ од Охрид уште пред две години, велат од општинската СДСМ.

– Поранешната општинска власт на СДСМ кон крајот на 2011 година поднесе барање за обезбедување средства од Светска банка, за реализирање на неколку значајни инфраструктурни проекти, токму оние иститеза кои вчера зборуваше сегашниот градночалник. Тогаш средствата беа одобрени, но нивното доделување беше стопирано од страна на Министерството за финансии. Ако се доделеше кредитот тогаш, предвидените зафати ќе беа реализирани, а со тоа локалната администрација на СДСМ во Охрид ќе покажеше успех во своето работење.  Но, тоа никако не им одеше во прилог на најодговорните лица во ДПМНЕ, ниту на централно, ниту на локално ниво. Токму затоа одобрениот кредит се чуваше во фиока цели две години, за да се процесуира токму сега, пред избори, кога власта во Охрид ја има ДПМНЕ, велат од ОО на СДСМ.

Оттаму, додаваат дека со тоа уште еднаш  јасно и недвосмислено се покажала дволичноста на ДПМНЕ – дека централната власт во Македонија, наместо да работи во интерес на сите граѓани, таа ги дели граѓаните на Охрид на наши и ваши.

– За таа иста централна власт на ДПМНЕ, сеедно е дали нивниот индиски другар, пријател и наводен инвеститор, Субрата Рој, е притворен во својата сопствена држава поради обвинение за тешки финансиски измами и проневери, или не е. Охриѓани, а посебно жителите на с. Љубаништа, како и МПЦ, бараат веднаш да се стопира и напушти контраверзниот и крајно сомнителен проект во  Љубаништа. Но, Владата на ДПМНЕ упорно ја продолжува фикцијата и авантурата со Субрата Рој во предизборни цели, што на крајот може да има несогледиви тешки последици по нашето природно и историско наследство, како и по судбините на голем број наши сограѓани, велат од СДСМ.

OhridNews