ВМРО-ДПМНЕ, по обичај, повторно ги прекраши законските одредби и повторно не ги почитуваше законите, обвини денеска општинската организација на СДСМ.

-Неколку часа пред почетокот на кампањата, на неколку билборди низ Охрид осамнаа рекламите за нивниот кандидат, што претставува грубо кршење на Изборниот законик. Тоа веќе воопшто никого не може да го изненади, затоа што ВМРО-ДПМНЕ и не знае поинаку да владее и да се однесува, освен со сила, закани и притисоци. На потез сега се надлежните органи, затоа што секоја правна демократска држава е должна најстрого да ги санкционира изборните нерегуларности и повредите на изборниот процес. – се вели во соопштението на ОО СДСМ – Охрид.

Во врска со обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ за депонијата на локалитетот Мауцкер, од СДСМ истакнаа дека ВМРО- ДПМНЕ повторно безуспешно се обидува сопствените грешки, слабости и пропусти да и‘ ги препише на опозицијата.

-Дивата депонија во Мауцкер е резултат на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Награѓаните од Охрид многу добро им е познато дека со локалитетот Мауцкер стопанисуваше државната власт, односно ВМРО-ДПМНЕ, а не локалната власт на СДСМ. Ако тоа не беше така, како би било инаку можно државно министерство официјално да и‘ го предаде Мауцкер во сопственост на локалната самоуправа, што и се случи неодамна, на што сите бевме сведоци. Тоа значи дека господата од ВМРО- ДПМНЕ прашањето зошто Мауцкер прерасна во дива депонија треба да им го постават на своите министри за транспорт и врски, и одбрана, а не вината за сопствениот јавашлук да ја префрлаат на СДСМ. Откако на Охрид му беше формално дадено правото на сопственост врз Мауцкер – а тоа беше во последната година од владеењето на СДСМ во Охрид – локалната власт на СДСМ во содејство со ЈП „Охридски Комуналец“ вложи огромни напори да се стопира дивото депонирање на отпад на Мауцкер. – објаснуваат од СДСМ.

Оттаму додаваат дека  тврдењето на ВМРО- ДПМНЕ за Мауцкер се само уште една во редот на предизборни невистини и манипулации со јавноста, посочувајќи дека во последните 11 месеци, под изговор дека се работи за „привремен претовар“, од страна на „Охридски комуналец“ во Мауцкер почнало да се одложува и складира и обичен отпад, односно смет, што законски е недозволено, на што опозицијата реагирала во советот.

OhridNews