Додека ВМРО-ДПМНЕ фрлаа народни пари во споменици, жални врби и други криминални проекти, СДСМ преку Владата која ја предводи, инвестира во нови патишта, канализации и водоводи, железници и многу други капитални инвестиции кои се од суштинско значење за развојот на нашата држава, се наведува во реакцијата на СДСМ во врска со изнесеното на денешниот прес на претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

  • Само заради криминални проекти ВМРО-ДПМНЕ тројно го зголеми долгот, а денес Мицкоски ја продолжува расипничката матрица на неговиот ментор Никола Груевски и се противи секогаш кога парите завршуваат кај граѓаните а не во белиот дворец. Мицкоски може да гледа и да учи како се работи одговорно, транспарентно и во интерес на граѓаните, државата и економијата. Ланската 2019 година беше доказ за успешна година на полето на реализирани капитални проекти кои достигнаа високи 86 отсто. Се инвестираше во гасификација, железница, комунална инфраструктура, социјални станови, велат од СДСМ.

Оттаму, додаваат дека и во време на пандемија од корона вирусот на светско ниво, продолжува реализацијата на повеќе капитални проекти.

  • Градиме 260 км автопат, 300 км експресни патишта и 900 км локални патишта. Рехабилитираме повеќе од 1.500 км постоечки патни правци. Нашата земја ланската година и оваа 2020 година, во услови на корона криза, заврши 80% од примарната и секундарната гасификација, проект кој се одолговлекуваше речиси 20 години. Само по добивањето на поканата за членство за НАТО во 2018 година, странските инвестиции достигнаа рекорден износ зголемен за над 300 отсто во споредба со 2017 година. За неполни 3 години, Владата предводена од СДСМ успеа негативното салдо од 1.8%, БДП да го подигне на 3.6%, велат од СДСМ.

Според СДСМ нереално е да се споредува процент на реализација на капитални инвестиции само во првите 4 месеци од годината, кога остануваат уште 8 месеци од годината.

OhridNews