Неодговорното однесување на градоначалникот Никола Бакрачевски и ВМРО-ДПМНЕ е на штета на учениците во Охрид, рече на денешната прес конференција координаторот на советничкат агрупа на СДСМ, Јован Стојаноски.

– Веќе година и половина се импровизира со образованието во Охрид. Воспитно – образовниот процес не функционира нормално и во соодветни услови.Помина цел месец од почетокот на учебната година, а новоформираното средно економско училиште „Св. Кирил и Методиј“ се уште нема стручна педагошко -психолошка служба.Во училиштето нема ниту помошник директор, ниту секретар. Дополнителна причина зошто училиштето на може да функционира нормално и да одговори на сите потреби на учениците.ВМРО-ДПМНЕ и градоначалникот Бакрачески оставија училиште со 20 паралелки и 450 ученици без потребните услови и кадар во новата учебна година. Тоа е недозволиво, изјави Стојаноски.

Стојаноски потенцира и дека Секторот за образование во општината се уште нема раководител, како и дека долговите на училиштата се исто така сериозен проблем кој може да го доведе во прашање нивното функционирање.

– Јавноста очекува одговори од градоначалникот Бакрачевски колку пари должат основните и средните училишта во Охрид, заклучно со први септември 2014 година, за неплатени сметки и тужби по овој основ? Зошто на последната седница на Советот на која се усвојуваа извешаите за работа на училиштата и годишните програми не присуствуваа директорите на основните и средните училишта?, праша Стојаноски.

Додаде дека образованието е клучен сегмент за иднината на младите и дека не се доволни импровизации и неодговорно однесување. Од СДСМ бараат итно да се преземат сите мерки за првично нормализирање на воспитно образовниот процес во Охрид, во интерес на учениците.