-Можностите за продолжување на разговорите, на принципиелно и рамноправно ниво, може да се разгледуваат уште многу кратко време, било заклучено на заедничкиот консултативен состанок на претставници од сите политички партии на опозицискиот блок, коалициски партнери на СДСМ.

-Преодна Влада во којашто нема да учествува Никола Груевски е основен принцип за да може да се гарантираат минимални услови за организирање на фер и демократски избори во Република Македонија. Само на тој начин ќе може да се стабилизираат институциите, да се нормализираат состојбите и да се вратат механизмите на контрола во општеството за конечно граѓаните слободно да ја искажат својата волја на демократски избори. – стои во соопштението од средбата, на која политичките партии од опозицискиот блок дале силна поддршка на лидерот на СДСМ Зоран Заев и на, како што се наведува, принципиелните позиции и ставови со коишто настапува во разговорите, барајќи начин за излез од длабоката политичка криза во којашто се наоѓа Република Македонија. 

СДСМ вечерва одржаува состанок со граѓанските организации, граѓанските активисти и поддржувачи, а истовремено во Охрид заседава Централниот комитет на ВМРО ДПМНЕ. Врвот на владејачката партија се очекува да заземе став околу натамошните чекори за излез од политичката криза. 

Премиерот Никола Груевски денеска во Охрид изјави дека ВМРО ДПМНЕ е отворена за разговор и е насочена кон решавање на проблемите. Притоа изрази оптимизам дека преговорите кои во Брисел завршија неуспешно, ќе продолжат.

Запрашан што доколку ДУИ излезе од владата, Груевски рече дека контактите со коалицискиот партнер се регуларни.

-Доколку излезат од влада тогаш ќе ви кажеме што ќе биде.-одговори кусо Груевски.

Премиерот и лидер на ВМРО ДПМНЕ денеска престојуваше во охридско-струшкиот регион каде беа пуштени во употреба повеќе инфраструктурни, спортски и образовни објекти и најави реализација на повеќе други проекти.

OhridNews