Во промовираната брошура „Инвестирајте во Охрид“  една од локациите кои им се нудат на потенцијалните инвеститори од областа на туризмот е хотелот Палас, некогаш најпознатиот и најубав хотел на ривиерата, кој во текот на последната деценија не функционира и е целосно запуштен .

Од локалната самоуправа велат дека меѓу приоритетните цели е на оваа локација да и се врати некогашниот сјај со изградба на современ туристички комплекс. За таа цел, во текот на изминатите неколку месеци се вршеле интензивни преговори со претставници на акционерското друштво кое е сопственик на објектот, со кои заедно биле разгледувани плановите за понатамошната судбина на Палас.

Решавањето на статусот на Палас ни е од големо значење.  Ние како локална самоуправа, со оглед на тоа дека станува збор за имот кој не е во сопственост на општина Охрид, туку на државата и дел во приватна сопственост, правиме напори заедно со претставниците  од акционерското друштво, да излеземе во пресрет на нивните планови за изградба на современ хотелски комплекс на оваа локација, изјави градоначалникот Никола Бакрачески.

Од локалната самоуправа потенцираат дека хотелот Палас е еден во низата стопански објекти за кои се прават напори да заживеат, а кои со години се вон употреба и пропаѓаат .

Т.К.